еМагазин
Image default
Македонија

Заштитениот сведок препозна неколкумина од обвинетите за „Монструм“

Со исказ на заштитен сведок во Кривичниот суд во Скопје, денеска, по пауза од речиси месец и половина, продолжи судењето за предметот „Монструм“ на Специјалното јавно обвинителство, за петкратното убиство кај Смилковско езеро, сторено на 12 април 2012 година.

Заштитениот сведок на денешното рочиште кажа дека си останува на исказот даден на претходна постапка.

На прашање од обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи, тој рече дека за настанот дознал од медиумите и сам од морални причини се пријавил во полиција за да каже што знае.

Сведокот кажа дека три-четири дена пред настанот видел четири лица со црн „голф 3“ со затемнети стакла и спортски издув на местото на настанот. Посочи дека имало црн висок човек, едниот имал лузна на левата страна, друг бил келав, еден на 50-тина години, а друг на 35-6 години.

Прашан како се однесувале, рече „нормално како сите луѓе“. Последен пат ги видел на 12 април.

Обвинителката Фетаи му посочи дека има разлики во исказите во однос на времињата дадени претходно и сега, на што сведокот одговори дека поминало многу време и оти не се сеќава.

Заштитениот сведок рече дека вршел препознавање во обвинителство, каде му биле покажани фотографии, без притисоци и закани.

Фетаи побара од сведокот да каже дали препознава некој од тие што ги видел на местото на настанот сега да се присутни во судницата. Препозна неколкумина и ги опиша, по што обвинителката Фетаи ги посочи Агим Исмаиловиќ и Самир Љута.

Фетаи побара Самир Љута да стане, на што сведокот кажа дека е 100 отсто сигурен дека е тоа лицето со лузна. Прашан од која далечина ги видел овие лица, кажа дека секогаш различно и дека ги имал видено од пет метри до еден метар близина.

Обвинителката Фатиме Фетаи на почетокот на рочиштето побара од судот да започне постапката за екстрадиција на обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, кои се на Косово и се недостапни за македонските власти, а по нив е распишана меѓународна потерница.

Судијата Огнен Ставрев кажа дека веќе се во контакт со косовските власти за постапката за екстрадиција.

Во однос на барањето за исклучување на јавноста од сослушувањето на заштитетниот сведок, Фетаи рече дека не гледа ниту една причина тоа да биде направено.

– Според Законот за заштита на сведоци, а и во интерес на сите нас е јавноста да биде присутна на сослушувањето, рече Фетаи.

Судијата Ставрев кажа дека јавноста нема да биде исклучена и ќе може да присуствува на сослушувањата на заштитениот сведок во „Монструм“.

За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Детален преглед на состојбата по болниците каде се лекуваат пациенти со Ковид-19

Редакција

Германскиот Бундестаг утре и официјално со зелено светло за преговорите

Редакција

За Радев претепувањето на секретарот “Цар Борис Трети“ било резултат на систематските кршења на правата на Бугарите во Македонија

Редакција