Граничните премини на северот на Косово, Јариње и Брњак се блокирани, а по тензичната ноќ, ситуацијата утрово е мирна, јавуваат српските медиуми.
Барикадите се поставени од страна на Србите во знак на протест против апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ.
По тензичната ноќ, во која наводно имало и пресметки помеѓу полицијата и косовските Срби, премиерот Албин Курти на Фејсбук напиша дека „Косово со сите сили ќе одговори на агресијата и дека доколку овие постапки не бидат осудени од ЕУ и САД, тоа ќе биде поттик за официјален Белград дополнително да го дестабилизира Косово.“
„Србија веќе неколку дена му се заканува на Косово со агресија. Претседателот и премиерот на Србија повикуваат на враќање на илјада војници повикувајќи се на Резолуцијата 1244 на ОН. Тие сакаат двојно повеќе чекори назад.
Секој неуспех, да се осуди ова оркестрирано насилство од страна на ЕУ и САД, ќе го охрабри Белград дополнително да поттикне дестабилизација,“ напиша Курти.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека ќе побара дозвола од КФОР за распоредување на српската полиција и војска на Косово.
По оваа најава, претседателот на Организацијата на ветераните на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Фатон Клинаку изјави дека ако се вратат 1.000 припадници на српските безбедносни сили на Косово, војната е „неизбежна“.
Поради ситуацијата на северот на Косово, претседателката Вјоса Османи вчера соопшти дека локалните избори во северните општини се одложени за април следната година.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Можни промени во позицијата на Србија кон меѓународната заедница поради Косово, најави Дачиќ
Фото: Unsplash