еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Трајче Стафилов: Македонија има европско законодавсто за заштита на животната средина, но потребна е поголема контрола на неговата примена 

По повод актуелната дебата за влијанието на индустријата, а посебно на рудниците, врз животната средина, еМагазин разговараше со д-р Трајче Стафилов, професор на Институтот за хемија при УКИМ, експерт за животна средина.

Во екот на актуелната дебата околу влијанието на индустријата, а посебно на рудниците, врз животната средина во нашата земја, во јавноста се почесто се споменуваат и наодите во научните студии на кои вие сте работеле, а кои ги детектираат т.н. „жешки“ еколошки точки во земјата? Каков е генералниот заклучок во овие научни студии?     

– Нашите истражувања главно се однесуваат на испитување на застапеноста на голем број хемиски елементи во животната средина во Република Македонија. Овие истражувања се однесуваат, пред се на нивната застапеност во воздухот, почвите и водите. Испитувањата на дистрибуцијата на хемиските елементи во воздухот се вршени систематски на целата територија на земјата преку анализа на примероци од мов (докажан во светот како најдобар биомониторинг на воздухот).

Од овие податоци подготвени се карти на просторна дистрибуција на хемиските елементи од кои може да се види зголемената застапеност на некои елементи, вклучувајќи и одредени „тешки” метали, во одредени региони. Оваа појава е детално објаснета во студиите и воедно посочени се изворите на нивната зголемена содржина. Овие испитувања се вршат на секои пет години, а отпочнати се од 2005-та и повторени се во 2010-та и 2015-та година.

За следење на застепноста на хемиските елементи во почвите земени се примероци од површински почви од 1025 локации во Македонија. Анализирани се вкупно 45 хемиски елементи, а добиените резултати се објавени во монографијата „Геохемиски атлас на Република Македонија”. Дополнително на овие генерални истражувања на ниво на целата територија на Македонија извршени се и истражувања на одредени региони каде потенцијално се очекува евентуално загадување на животната средина со „тешки” метали.

Сите овие резултати се објавени во осум научни монографии и околу 70 научни трудови кои се објавени во научни списанија, така што податоците се достапни на научната и стручна јавност во светот и кај нас. Во овие публикации се објаснува потеклото на „тешките” метали при што во одредени региони нивната зголемена содржина е од литолошко потекло, а во некои случаи од антропогено потекло од работата на некои индустриски објекти во минатото, а некои и сега.

Дали и како овие „жешки“ еколошки точки можат да се решат? Постојат ли примери за успешен третман на индустрискиот отпад во рударството и останатата индустрија во земјава? Можете ли да наведете некои примери на вакви компании?

– По дефинирањето на т.н. „жешки точки”, Европската Унија финансираше изработка на претпроектни студии за пет од овие 16 локации, и тоа за поранешната Топилница во Велес, Макстил и Југохром, додека за рудникот Лојане студијата ја финансираше УНДП. Во овие студии дадени се алтернативни решенија за решавање на индустрискиот отпад со негов евентуален третман.

Секако, и самите компании имаат реализирано студии за искористување на индустрискиот отпад. Како најдобар пример за тоа е отворањето на погонот за производство на електроден бакар во рудникот Бучим од рудничката отпадна јаловина.

Според вашето стручно мислење, дали е можно, во една земја како Македонија, паралелно да се развива тешката индустријата, како што се:  рударството, металургијата или хемиската индустрија и стопански гранки како што е земјоделството? Дали тие меѓусебно не се исклучуваат или може да се постигне рамнотежа во развојот? 

– Општо е познато дека рударството, металургијата и енергетиката се потенцијални загадувачи на животната средина. Сепак, постојат современи технологии кои може да доведат до спречување или значително намалување на загадувањето. Овие технологии се достапни и со нивна имплементација и во Македонија е можно работењето на овие индустриски гранки а загадувањето да се сведе на минимум. Сепак, треба посебно да се води сметка за историските депонии од кои некои се напуштени и за кои исто така треба да се преземаат интензивни мерки.

Може ли да наведете некој пример за паралелен успешен развој на тешка индустрија и земјоделството во земјава, како што е во кавадаречкиот регион, каде и покрај развојот на индустријата во овој крај, успешно се развива и лозарството и овоштарството?

– Со преземање на значителни инвестициони зафати топилницата за фероникел во Кавадарци покажа дека е можно намалување на загадувањето на животната средина. Тука пред се сакам да го потенцирам инсталирањето на филтерот за зафаќање на прашината со што е спречено нејзиното дистрибуирање во воздухот во Тиквешкиот регион како што тоа беше во минатото.

Што треба да направи според вас нашата земја за да постигне рамотежа помеѓу потребата од подинамичен економски развој и поголема заштита на животната средина?

– Постојните рудници и топилници имаат А – интегрирани еколошки дозволи, според кои тие треба да работат без значително загадување. Но, паралелно треба да се решаваат проблемите настанати во минатото. За овие зафати потребни се вложувања на значителни финансиски средства. Таков пример претставуа изградбата на системите за намалување на емисијата на прашина и гасови во Цементарницата Усје. Во некои од постојните рудници и топилници отпочнати се вложување на сериозни средства и ефектите се видливи.

Освен примерите со Фени, секако треба да се спомене и инвестицијата во филтерот за отпрашување во Макстил и тековните инвестиции за филтер во Силмак-Јегуновце. Но, тука посебно би ги истакнал вложувањата во рудникот Бучим за решавање на проблемите со подземните води и искористување на рудничката јаловина, како и рудникот Саса со вложувањата во ремедијација на постарите флотациони јаловишта. Секако, ова не е доволно ако континуирано не се одржуваат и унапредуваат овие системи.

Но, во оваа пригода повторно би го потенцирал и проблемот со напуштените историски депонии за кои треба соодветните државни институции да изнаоѓаат решенија за нивно решавање. Од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање се отпочнати активности за  решавање на некои од овие проблеми, но ми се чини дека треба поголеми активности и издвојување на поголеми финансиски средства за елиминирање на загадувањето од овие депонии.

Колку во земјава се почитуваат стандардите, процедурите и регулативата која гарантира заштита на природните ресурси од влијанието на индустријата, но и во земјоделството (на пример контрола на употребата на пестициди и сл.)

– Во областа на заштитата на животната средина Република Македонија го има во голема мера е имплементирано законодавството на ЕУ, а воведена е и регулатива со која на индустријата и е оневозможено да ја загадува животната средина. Постојат и технолошки решенија за  третман на индустрискиот отпад кои овозможуаат минимизирање на загадувањето на животната средина. Сепак, имам впечаток дека институциите не се доволно кадровски комплетирани, а недостасува и инфраструктура за континуирано следење и контрола на изворите на загадувањето.

Се чини дека во земјата не постои разбирање помеѓу државните институции и граѓанските  асоцијации и активисти околу потребата и начините како да се реалираат одредени проекти кои во перспектива треба да ја унапредат животната средина. Таков е примерот на изградбата на регионалните депонии за комунален отпад. Што треба да се направи за да се надминат ваквите ситуации?

– Економскиот развој на една земја нужно бара одредени зафати кои може да ја имаат ефекти и врз животната средина, од една страна, но други активности секако може да доведат до подобрување на состојбите со животната средина. Таков карактеристичен пример е сегашната состојба со комуналните депонии, кои освен депонијата Дрисла кај Скопје, всушност претставуваат „ѓубришта” и се извор на загадување на средината.

Од таму е нужна изградбата на регионалните депонии и надлежните институции треба интензивно да работат на докажување на оваа потреба и докажување дека нивната изградба и работа само може да доведат до подобрување на животната средина и спречување на нејзниното загадување.

Сепак имам впечаток дека во Република Македонија се уште не е постогнато потребното ниво на доверба во државните институции дека ќе обезбедат континуирано следење и спречување на можните загадувања. Сметам дека преку дијалог и посветување поголемо внимание на објаснување на состојбите и потребата од некои зафати, како и со обезбедени гаранции за спречување на загадувањето, недоразбирањата ќе се надминат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бугарската влада сака да купи куќа во Прилеп, еден од сопствениците не го продава својот дел

Редакција

Николовски за „еМагазин“ за патувањето во Дубаи: „Користев три дена за приватни потреби, сега сум овде“

Редакција

Украински гранични служби информираа дека руски копнени сили влегле во Украина

Редакција