Кога некои од децата за прв пат ќе проодат за време на час, а други ќе освојуваат врвни награди со своите музички способности знаете дека нешто повеќе од музика тлее во едно училиште.
„Пијанофорте“ е училиште кое е дизајнирано да ги подучува своите ученици на музика, а и на начини и знаења кои ќе им помогнат да се изградат и надградат во животот. Меѓу креаторите за константната позитивна енергија што може да ја почуствуваш во „Пијанофорте“ се Искра Паскалова Нановска, координатор за човечки ресурси и д-р Тереза Крцоска, професор по виолина, оркестар и ран музички развој кои ни дадоа неколку одлични размислувања за тоа што значи да си посветен целосно, и да го работиш тоа што сакаш.
Кога некој ќе ја посети Вашата фан страна веднаш може да воочи колку целиот тим е мотивиран во тоа да ги пренесе своите знаења. При посета на Вашето училиште се уверивме дека не е само тоа, туку дека правите нешто повеќе за овие млади луѓе. Зошто го правите ова и која е целта?
Тереза: Низ наставата и проектите кои ги работиме во „Пијанофорте“ се провлекува една нишка, а тоа е љубовта кон музиката. Ние имаме верба дека музиката е медиум преку кој се созрева до емотивно здрава личност, со високи човечки вредности.
Професионализмот во музиката има моќно влијание врз развојот на културата на општествата, а ние сме тука одговорно да им го трасираме патот на овие млади луѓе. Нивните семејства со полна доверба ни ги оставаат децата по неколку часа во неделата да помогнеме во нивниот емотивен, културен и музички развој.
Постојано организирате разни активности фокусирани кон тоа да ги подучат Вашите ученици на некои работи, но во исто време и да се забавуваат. Што е тоа што го подготвувате за претстојниот период? Може ли да очекуваме некое изненадување од Вас и Вашите ученици?
Тереза: Мотивацијата игра улога во посветеноста со која овие деца работат на себе, на своите музички, но и хуманистички способности.
Годинава се фокусираме на активностите кои се покажаа како најдобри засилувачи на ентузијазмот со директно влијание на музичкиот напредок. Тоа се концертите во странство, забавите на поп одделот на кој во живо свират младите „рокери“ од овој оддел, музичките работилници и настапите од хуманитарен карактер, односно за помош на заедницата.
Наши ученици во изминатите години учествуваа и земаа високи награди на престижни фестивали и натпревари во Италија, Белгија, Словенија, Србија и Косово. Овие фестивали се дел од личната карта на „Пијанофорте“. Позитивните искуства кои сме ги стекнале планираме да ги повториме, овој пат со поголем број ученици. Веќе во октомври се планира една пријателска турнеја низ Словенија преку размена на ученици по музика.
Наш проект се и Музичките работилници наречени „По патот на музиката“, преку нив знаењата и искуствата стекнати на фестивалите ги пренесуваме на деца кои сѐ уште не се занимаваат со музика.
Музичките работилници традиционално ги работиме подолго време во форма на анимација и воведна музичка едукација на деца од претшколска возраст. Од минатата година за прв пат ги проширивме и кај деца од основните училишта, а во нив ги вклучивме и нашите ученици од бендот и од оркестарот. Децата од основните училишта се видно заинтересирани да се обидат да отсвират нешто, кога ќе видат свои врсници или соученици, а кои веќе следат настава во „Пијанофорте“, како убаво свират на овие инструменти.
Работилниците се неизоставен дел на активностите на наши пријатели и соработници, како што се промоции на книги за деца, саеми, добротворни организации, а адаптиран интерактивен концерт неодамна имавме и во Домот за стари лица Терзиеви.
Планираме активноста да ја прошириме во повеќе основни училишта и добротворни настани и тие да станат препознатлив знак на „Пијанофорте“.
Позитивната енергија која се чувствува во Вашите простории е неизбежна. Како може да се запишеме и ние да станеме дел од Вашето семејство? 🙂
Искра: Ви благодариме за комплиментот. Тимот на „Пијанофорте“ постојано се надградува. Популарниот Team Building е присутен и кај нас. Неколку пати во текот на годината се организираат семинари кои опфаќаат комуникациски вештини, справување со различни емотивни состојби со децата, подобрување на меѓучовечките односи и слично. Така да, позитивната енергија веројатно се должи на овие активности.
Инаку, програмата е комплементарна со програмата на основните училишта на Р. Македонија. Учебната година, исто така е усогласена со учебната година на основните училишта. Со настава почнуваме во септември, а секој што сака да си обезбеди место во училиштето најдобро е да се запише сега.
Нови деца и возрасни почетници се интересираа и ги имаа своите пробни часови уште во јуни. Интензивно уписите ќе траат до 3 септември 2018. Централниот настан околу уписите ќе биде нашето учество на саемот за воннаставни програми и активности за деца и млади, насловен како „ПОСЛЕ ЧАСОВИ“ и музичката работилница во рамките на „ЗАБАВНО ШОУ ЗА ПРВАЧИЊА“. Доколку некој од читателите сака да се запознае со нашиот кадар и дел од учениците, ве покануваме да нè посетите на нашиот штанд на „ПОСЛЕ ЧАСОВИ“, во С.Ц. Форца, Скопје, на 1 и 2 септември од 10:00-19:00 часот.
Инаку „Пијанофорте“ запишува ученици во текот на целата година, што е една од предностите на тоа што сме приватно училиште. Секој ученик си ја следи програмата што ќе му биде зададена и се работи со прилагодена брзина за да може да искуси задоволство од својот труд.
Што сѐ од музика има тука кај Вас?
Тереза: Оваа учебна година, покрај досегашните пијано, виолина, гитара и удиралки, ќе ја интензивираме програмата од поп одделот (електрична гитара и бас, тапани и поп пеење), како и Орфовите инструменти со музика и движење низ програмата за ран музички развој. Новина е што воведуваме и класа по флејта. Веруваме дека флејтата наскоро ќе даде нова свежина на целиот звук на оркестарот на „Пијанофорте“.
Програмата за музикотерапија продолжува и оваа учебна година во соработка со здружението на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп, ретки болести и посебни потреби „Дајте ни крилја“.
Како овие лекции и знаења им помогнале на Вашите ученици и што е тоа што го сметате за најголем успех во Вашето училиште?
Тереза: Музиката е за секого. Секоја возраст, секоја цел е добредојдена. Ние ја бираме вистинската методологија на работа соодветна на целите и можностите на ученикот, односно музичкиот уметник. На најмалечките дечиња, како и на групата за музикотерапија, музиката им помага побргу да ги совладаат говорните и моторните вештини. Ние сме имале дете кое од бебе редовно доаѓаше со мајката на ран музички развој, и првите самостојни чекори ги направи во салата, поттикнато од музиката. Истото важи и за говорот.
Кај аматерите музичари, го истакнувам развојот на интелектуалните способности и оние поврзани со емоционалната интелигенција. Преку активно музицирање и свирење музички инструмент симултано се активираат повеќе мозочни регии, со што се засилуваат вештините поврзани со физичките, емоционалните, друштвените, когнитивните и јазичните способноси, а секако и музикалноста.
Стекнувањето пријатели спреку споделување заедничко хоби е придобивка за цел живот. Ние имаме ученици кои гледаме како растат пред нашите очи. Тие растат и се развиваат заедно, патуваат на фестивали, натпревари и музички кампови и се дружат! Се шири кругот на пријатели кои децата имаат слобода сами да ги бираат според сродните афинитети.
Редовните настапи им го градат чувството на самодоверба и индивидуалност. Концептот на подготовки за настап кои се крунисуваат со самиот настап се во насока на градење истрајни и темелни личности, свесни дека успехот се гради постепено.
Само во измината учебна година, „Пијанофорте“ со свои ученици и ансамбли се здоби со десет први (од кои три специјални со максимални 100 поени) и една втора награда на натпревари во Македонија и Словенија. Од изминатите години сѐ уште сме горди на успесите од меѓународните натпревари за кои веќе говоревме. Наградите на фестивалите во земјата и во странство се показател за нас, педагозите, дека сме на добар пат, дека квалитетно си ја вршиме работата. Иако реалноста досега била таква што ги освојуваме највисоките награди, сепак кај учениците избегнуваме да градиме култ кон наградите. Сакаме да уживаат во настапот, во подготовките за истиот, да се дружат со децата кои се натпреваруваат со нив и да ги слушаат нивните настапи за да изградат визија за опкружувањето, сопствените достигнувања и за наредните цели.
Кое, според Вас, е најголемото богатство со кое ќе излезе едно дете во Вашето училиште?
Искра: Ние додаваме вредност во живеењето на секој оној кој ќе го заврши музичкото образование кај нас. Стекнатата вештина да го спојат физичкото движење со над-материјалното (во што спаѓа музиката) дава можност за поинаква перцепција на животните проекти во кои децата ќе се впуштат во иднина. Се разбира, животот генерално е полн со предизвици и тие нема да бидат поштедени од нив, но ние сме барем сигурни дека сме им помогнале преку нашата методологија на подучување секогаш кај себе да пронајдат прозорец зад чија што завеса се крие задоволството на креирање преку музика. А тоа е нешто што останува во нивна трајна сопственост и никој не може да им го земе.