Еден од најпознатите италијански дизајнери, Додо Арслан ќе одржи мастерклас посветен на италијанскиот дизајн, со почеток во 10 часот во Амфитеатарот на Машинскиот факултет во Скопје,
Додо Арслан е италијански дизајнер со ерменско потекло, кој живее меѓу Италија и Флорида. Тој е специјализиран за дизајн на мебел и светлечки тела, како и индустриски производи. Прогласен е од Министерството за надворешни работи на Италија за Амбасадор на италијанскиот дизајн и се вбројува меѓу 90-те најдобри дизајнери во светот.
Препознатлив е по неговиот еклектичен стил и користењето на најквалитетни и уникатни материјали. Арслан има дизајнирано многу култни креации кои се одржливи и се истакнуваат како декор и практични додатоци на просторот.
Како добитник на наградата Young & Design и наградата за Mini Design и Pirelli Pzero, креациите на Арслан Додо се многу барани и популарни низ целиот свет.
Покрај дизајнирањето, тој предава и на различни универзитети во Италија, САД, Шведска, Аргентина, Бразил, Чиле, Хрватска и Египет со цел на идните генерации дизајнери да им ги пренесе своите знаења и искуства.
Мастеркласот на Додо Арслан е организиран од страна на Амбасадата на Италија и ITA – Italian Trade Agency, во рамки на Деновите на италијански дизајн, со кои се промовира уникатноста и врвниот квалитет на италијанскиот дизјан.
Фото: Италијанска амбасада