еМагазин
Image default
Македонија

Ќе стане ли Никола Груевски првиот македонски премиер што „лежел“ затвор?

Македонската јавност е во исчекување на одлуката на судската власт околу затворската казна на Никола Груевски, од што ќе зависи дали тој ќе стане првиот македонски премиер што бил осуден на казна затвор.

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и Апелацискиот суд вчера влегоа во јавна полемика откако Груевски јавно обвини дека е жртва на политички инструиран прогон, со однапред донесена одлука, што беше демантирано од судот.

„Сосема очекувано беше дека судот ќе ги демантира сознанијата изнесени во мојата денешна изјава. А што друго би направил?

Но од соопштението – демант на Апелацискиот суд, не само меѓу редови, туку и директно се чита пристрасноста на оној кој го креирал текстот на овој демант и се наѕира веќе донесената одлука за мое прогласување за виновен, иако ниту имам сторено кривично дело, ниту постојат докази за такво нешто, ниту судската постапка во прв степен е соодветна, ниту пак по закон можат да вршат гонење за нешто што има и релативна и апсолутна застареност а во корелација со член член 30 од КЗ.

Судот си дозволил во одговорот јавно да се пресметува со мене, обвинувајки ме дека со остварувањето на моите права кои се сосема оправдани во правец на барање неколку изземања, всушност дека сум сакал да го одолговлекувам судењето. На пример за изземање на судија за кого е отворена постапка за одговорност веќе има и судска пракса за негово изземање од кога во 2017та истото се случи во Кривичниот суд.

Притоа забораваат дека максимумот што го бараше адвокатот на другиот обвинет од името на сите адвокати беше одложување за еден работен ден, со цел наместо во петок, во понеделник да бидат присутни сите адвокати.

Неможе да стане збор за одолговлекување кога се бара изземање на судии кога се знае дека тоа се решава за еден час, како и што беше направено, или најмногу ден-два доколку се прифатеше барањето за изземање, вклучително и она за кое одлучува врховниот суд.

Со ова соопштение-демант, за жал апелацискиот суд само го потврди она што денес го објавив, а наскоро и на дело ќе го покаже тоа кога ќе ја објави одлуката“, напиша на својот фејсбук-профил Груевски.

Претходно Апелацискиот суд соопшти дека наводите на Груевски се во целост невистинити, исконструирани и тенденциозни со цел да се дискредитира Судот и да создаде лажна перцепција во јавноста дека судството е под притисок на власта и носи нарачани одлуки.

Во соопштението е нагласено дека тврдењето на обвинетиот Никола Груевски на прес-конференцијата дека поседува сигурни извори дека судиите на Апелацискиот суд Скопје биле повикувани поименично еден по еден кај в.д. претседателот на Судот, дека подлегнале на притисоци и дека веќе е донесена одлука за негова осуда, за предмет за кој се уште е во тек јавната седница, претставува груба невистина и манипулација со јавноста.

Од Судот информираа дека предметот е распределен кај судијата известител согласно АКМИС системот, а Советот постапува според годишниот распоред за работа на судиите донесен од страна на претседателот на Судот, согласно Судскиот деловник.

„Јавната седница е закажана согласно Закон, по барање на обвинетите и нивните бранители за која беа определени два дена, со цел одбраната и обвинетите да ги изнесат нивните наводи во врска со обжалената пресуда. Времетраењето на јавната седница одржана на 31.08.2018 година беше пролонгирано поради последователни – едно подруго поднесувани барања на одбраната за изземање на судиите, со јасна цел истата да не се одржи, поради која причина и се одолговлекуваше траењето на јавната седница, а која по нејзиното започнување беше прекината и за продолжението на истата дополнително беше определен уште еден термин, усогласен со одбраната и обвинетите“, се наведува во соопштението од Апелацискиот суд Скопје.

Никола Груевски вчера од прес-конференција во Собранието на РМ најави дека нема да се појави во Апелацискиот суд, а на седницата за „Тенк“ нема да присуствуваат ниту неговите адвокати зашто, како што рече, и онака одлуката е политички веќе донесена.

Фото: Фејсбук/Груевски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 617 пациенти болни и суспектни на Ковид-19

Редакција

Кардиоваскуларна и белодробна болест и дијабет се најчестите претходни заболувања на заразените со Ковид-19 во Македонија

Редакција

(Галерија) Првите вакцини против Ковид-19 складирани во фрижидер

Редакција