Парите што ги штедиме во банка или штедилница, ќе ни донесат принос (камата). Пример: Дарко, Мартин и Никола постојано вложуваат ист износ на пари, односно по 3.000 денари годишно за 10 години, при иста каматна стапка од 5% годишно. Но, тие започнуваат да инвестираат на различни возрасти ‒ Дарко на 18 години, Мартин на 28 години и Никола на 38 години.
Кога сите тројца ќе се пензионираат на 60 години, ако ги повлечат парите од банка, Дарко ќе има повеќе пари од Мартин и Никола. Тој ќе има 198.228 денари, додека Мартин ќе има 121.695 денари, а Никола ќе има 74.710 денари, како што е прикажано во табелатa. Дарко ќе има повеќе пари на возраст од 60 години во споредба со Мартин и Никола, иако секој од нив инвестирал иста сума, вкупно 30.000 денари.
Ова може да се сретне во случај кога економските услови се стабилни за целиот временски период на инвестирање.
Важно:
Приходите од инвестицијата може да се менуваат со текот на годините поради економските услови и условите на пазарот на капитал. Некои години може да бидат пониски од 5% годишно, а некои години повисоки од 5% годишно.
Во дадениот пример, вкупната инвестиција што Дарко, Мартин и Никола ќе ја добијат на 60-годишна возраст ќе биде како што е наведено погоре, ако годишниот принос на инвестиции постојано е 5% годишно. Исходот во горниот пример се должи на ефектот на сложена камата. Тоа е дополнителна камата заработена на износот на заштедата/ инвестицијата вклучувајќи ја веќе добиената камата.
Моќта на сложената камата е дека, колку порано ќе почнете да штедите, толку поголема ќе биде каматата на вашата првична инвестиција. Ова, едноставно, значи колку повеќе пари оставате на
страна сега, толку побрзо ќе може да ги исполните вашите соништа. На прашањето, кога е најдобро време да започнете да штедите, го знаеме одговорот ‒ СЕГА, се разбира!
Како функционира сложената камата на годишно и месечно ниво
Ако ставите 10.000 денари во банка со камата од 5% годишно, на крајот на годината ќе имате 10.500 денари. Ако го оставите целиот износ во банка за уште една година, тогаш ќе имате 11.025 денари. Во втората година, не само што ќе добиете камата на првичната инвестиција, туку добивате и камата на каматата што сте ја добиле претходната година. Ова се нарекува сложена камата, односно камата што се пресметува на каматата (или капитализација на каматата).
Сложената камата е важна за инвеститорите коишто можат да ги остават своите инвестиции да растат во текот на подолг временски период. Инвестицијата од 10.000 денари спомената погоре, кога ќе се инвестира за 10 години со годишна камата од 5%, ќе изнесува 16.289 денари!
Доколку каматата се пресметува на месечна основа, месечната каматна стапка изнесува 0,42% (5% годишно поделена со 12 месеци). Доколку истиот износ од 10.000 денари е инвестиран врз основа на 0,42% месечно и инвестиран за 10 години, ќе вреди 16.401 денари, што е повеќе за 112 денари, отколку ако се инвестира со годишна стапка од 5%.
Затоа, ќе заработите повеќе ако каматата на инвестицијата се пресметува на месечна, наместо на годишна основа.Сепак, сложената камата може да биде „меч со две острици“. Може да ви биде од полза, но и да не ви оди во прилог, зависно од тоа дали штедите или должите пари. Ако штедите, може да добиете поголем принос на вашата инвестиција како резултат на зголемувањето на износот на каматата, односно ќе заработите поголем приход од камата доколку вашите пари се инвестирани подолг временски период.
Наспроти ова, ако имате долг од кредит или кредитна картичка, ќе плаќате поголема камата бидејќи долговите се пресметани на зголемена основа заради додавањето на каматата. Ова е затоа што ако ја одложите вашата отплата на кредитот или кредитната картичка на подолго време, ќе ви биде наплаќана поголема камата и со време ќе ви биде сè потешко да го намирите долгот за кредитот или
кредитната картичка.
Запомнете
Личното финансиско планирање е важно за да ви обезбеди спокојство, да ви овозможи сигурност за вашата иднина и подобар квалитетен живот.
Личното финансиско планирање е важно за остварувањето на вашите животни соништа и цели.
Доколку со парите што ги имате може да заработите камата, истиот износ на пари вреди повеќе во моментов, отколку да го добиете во иднина. Важно е да почнете да ги штедите вашите пари ВЕДНАШ. Колку побрзо ќе почнете да штедите иколку подолго ќе штедите, толку ќе биде поголема користа од сложената камата.
Ќе заработите поголема камата ако за вашата инвестиција примате камата на месечна, наместо на годишна основа.
Сложената камата е „меч со две остреци“, во зависност од тоа дали штедите или должите пари.
Ако штедите и вашите пари се инвестирани на подолг временски период, ќе заработите поголем приход од камата. Ако, пак, го одложите плаќањето на кредитот или долгот од кредитната картичка, на крајот ќе исплаќате поголема камата.
извор: НБРМ
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Зошто е потребно да ги планирате финансиите и како да го правите тоа