Поради синоќешното невреме проследено со пороен дожд и грмотевици најголеми последици и интервенции на надлежните имаше во прилепската населба Тризла и околу каналот на Дабничка Река во оваа населба.
Поплавени беа улиците, главно во најголемата улица „Тризла“. Вода имаше во неколку домови и подурми, а се испумпуваше во куќите околу каналот на Дабничка река. Вода навлезе и во подрумот на џамијата во населбата. Според податоците на Управата за хидрометеролошки работи за 24 часа до 8 часот изутрината во Прилеп наврна најмногу дожд – 23 литри на метар квадратен.
Интервенраа, а денеска ги мијат улиците од кал и наноси, екипите на прилепските комунални претпријатија „Водовод и канализација“ и на „Комуналец“. Прилепската противпожарна единица пак од синоќа интервенираше со 5-6 екипи со вкупно 16 пожарникари.
– Се испумпуваше вода во 6-7 куќи околу каналот на Дабничка река, а имавме и три интервенции низ градот од струјни удари, вели команидорт на прилепската противпожарна единица Кристијан Момироски.
Поројните дождови за два-три часа истурија многу вода што одамна не е забележано, па реката не можеше да ја прими сета одеднаш, ниту од атмосверската канализација.
– Со часови интервениравме, ноќеска, а денеска ги миевме и чистевме улиците од високите талози на песок, земја, отпад. Помогна населението и секако навремени беа интервенциите на противпожарната единица, рече на терен во населбата Тризла, Игор Гулабоски, директор на прилепското претпријатие „Водовод и канализација“. На терен излегоа и градските власти.
Жителите од населбата велат дека било страшно, вода насекаде и наноси. Алмир Сулејманоски, жител на населбата Тризла објаснува за поплавувањетѕо на подрумот на џамијата.
– Подрумот е многу низок, па нема одводна канализација и се поплави. Мораше водата да се испумпува. Помогнаа верниците, интервенираа пожарникарите и јавните комунални претпријатија. Соработката беше навремена, изјави Сулејманоски.
МИА/Фото: МИА