еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

Поделби во НАТО околу изборот на нов генерален секретар

Прашањето за избор на нов генерален секретар на НАТО во време кога западната воена алијанса се соочува со бројни предизвици предизвика поделби во Алијансата, бидејќи членките од Источна Европа сакаат наследникот на Јенс Столтенберг да биде од тој регион, кој доби особено значење со руската инвазија врз Украина, го пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ) пишувањето на светските медиуми.

Изборот на нов генерален секретар на НАТО ќе биде едно од најтешките прашања со кои ќе се соочат 31. членка на Алијансата на самитот во јули во Литванија, заедно со прашањата за тоа какви безбедносни гаранции треба да ѝ се понудат на Украина и одобрување на членството на Шведска, пишува Вашингтон пост.

Трката за наследник на Столтенберг се вжешти во последните недели, бидејќи тој се приближува до крајот на неговиот мандат во октомври.

Изборот на генерален секретар на НАТО се заснова на неформални консултации на сите членки, иако посебна тежина имаат ставовите на САД, кои ја имаат убедливо најголемата армија во Алијансата. Американец отсекогаш бил воен командант на алијансата, а генерален секретар од некоја европска земја.

Дипломати од членките на НАТО соопштија дека меѓу кандидатите се данската премиерка Мете Фредериксен, британскиот министер за одбрана Бен Волас, холандскиот премиер Марк Руте и шпанскиот премиер Педро Санчез.

Кандидатурата на Фредериксен доби на интензитет, истакнува Вашингтон пост, додавајќи дека таа неодамна ја посетила Белата куќа и оти Столтенберг ја опишал како „една од најкомпетентните премиери во Европа“.

Но, од друга страна, генералниот секретар на Алијансата е од скандинавските земји речиси 15 години, откако пред Норвежанецот Столтенберг, кој е на чело на НАТО од 2014 година, на таа функција од 2009 година беше Данецот Андерс Фог Расмусен.

Кандидатурата на Фредериксен може да биде искомплицирана поради фактот што Данска не го исполнува договорот на НАТО, според кој секоја членка издвојува најмалку два отсто од својот бруто домашен производ за одбрана.

Иако Фредериксен е фаворит да стане идниот шеф на Организацијата на Северноатлантската алијанса, таа се соочува со противење од Полска, што го потенцира несогласувањето меѓу членките на Алијансата околу нејзината иднина, бидејќи руската инвазија врз Украина е во својот 18-ти месец, според Вол Стрит Журнал.

Отпорот на Варшава, според американскиот весник, може да ја чини кандидатурата на данската премиерка, бидејќи генералниот секретар мора да биде избран со консензус од 31 член.

Европските претставници велат дека меѓу причините за противењето на Полска се желбата лидер од источното крило на НАТО да биде на чело на Алијансата, неисполнувањето на обврските на Данска во однос на трошоците за одбрана, како и неподготвеноста генералниот секретар повторно да биде од некоја скандинавска земја.

Иако се верува дека поголемиот дел од членките на НАТО сакаат Фредериксен да го замени Столтенберг, се поголем број земји од источното крило на НАТО се загрижени дека нејзиниот избор, иако заслужен, ќе ги поткопа потребите на Алијансата, која се соочува со руската инвазија врз Украина, додека тие земји се особено ранливи, рекоа американски и европски претставници.

Четири земји од Источна Европа – Естонија, Летонија, Литванија и Полска – се меѓу само десетина членки на НАТО кои ја исполнуваат обврската за трошоци за одбрана, посочува весникот, додавајќи дека ова прашање ја зголемува загриженоста кај членовите на источното крило дека Европа не е добро опремена за долгорочна воена конфронтација со Русија.

Полска, како и другите земји поблиски до Русија, верува дека Алијансата би испратила силна порака до Москва со назначување на генерален секретар на НАТО од земја која некогаш била дел од Советскиот Сојуз. Толку многу што неколку земји ја предложија естонската премиерка Каја Калас како алтернатива на Фредериксен.

Сепак, според Волстрит Журнал, неколку западни земји се загрижени дека назначувањето на генерален секретар од источното крило би било премногу провокативно, бидејќи го носи раководството на Алијансата пред прагот на Русија.

Во услови на поделби и зголемен песимизам дека НАТО ќе успее да се договори за нов генерален секретар пред самитот во Литванија, лидерите на членките се наклонети кон можноста за продолжување на мандатот на Столтенберг, пишува Фајненшл тајмс.

Интензивирањето на дебатата за тоа кој треба да го наследи Столтенберг доаѓа во предизвикувачки момент за НАТО, оценува британскиот весник. Русија покажува зголемена воинственост кон Западот и окупираше околу една петтина од Украина, додека во Алијансата има поделби околу идните односи со Киев, а Кина се појавува како глобална воена сила.

Опцијата за продолжување на мандатот на Столтенберг се појави откако Фредериксен и Валас досега не добија едногласна поддршка. Многу земји се залагаа за жена да застане на чело на НАТО за првпат, додека некои членки велат дека кандидатот од Источна Европа ќе ја одрази зголемената важност на тој регион, како и важноста на војната во Украина.

Франција и Германија ја поддржаа Фредериксен и ја претставија како најпосакувана кандидатка од Европа, и покрај загриженоста во некои источноевропски држави, рекоа официјални лица. Сепак, два извора за Фајненшл тајмс изјавија дека Бајден не ја поддржал целосно Фредериксен на нивната средба во Белата куќа минатата недела, што ја доведува во прашање нејзината кандидатура.

Додека Европа со месеци е вовлечена во бескрајни салонски игри за прашањето за наследникот на Столтенберг, САД забележливо молчат, само укажувајќи дека Џо Бајден сè уште не одлучил, додека силно ја фали работата на Столтенберг, посочува Политико.

Со оглед на тоа што поддршката од Белата куќа за шефот на НАТО има голема тежина, одолговлекувањето го држи НАТО во неизвесност, со сите погледи вперени во Вашингтон додека часовникот отчукува до самитот во јули кога се очекува Алијансата да одлучи за својот следен лидер или за продолжување на мандатот на сегашниот.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ни казните не помагаат, за да се реши проблемот со гласната музика и дивеењето околу кафеаните во Капиштец

Редакција

Оливера Панева нов член на Управниот одбор на Алкалоид

Редакција

(Фото) Венците кои ги положија Македонците на гробот на Јане Сандански фрлени во контејнер

Редакција