Синдикатите и Владата денеска постигнаа договор за зголемувањето на платите и за методологијата за раст на платите во јавниот сектор. Платите во јавниот сектор од 1 септември ќе бидат зголемени за 10 отсто, а вработените ќе добијат регрес од 10 илјади денари, којшто од 2024 година ќе изнесува 30 проценти од просечната нето плата од претходната година.
Со новата методологија се добива системско решение за усогласување на платите, со коешто нема да има потреба веќе од преговарања, а платите на вработените во јавниот сектор од март 2025 година ќе пораснат за значителен процент.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска изјави дека е постигнат договор за потпишување на општиот колективен договор и за сите оние спорни прашања кои со месеци се разговараат со претставниците на синдикатите.
– Договоривме дека новата методологија за прсметка на плати за вработените во јавниот сектор ќе започне од март 2025 година. Со септемвриската плата во 2023 ќе биде покачувањето од проценти на платите во јавниот сектор, К-15 до крајот на декември 2023 година во висина од 10.000 денари, а во општиот колективен договор ќе стои одредба за исплатата на К-15 од 2024 година да биде најмалку 30 проценти од висината на просечната плата во изминатата година, изјави Тренчевска по средбата со претставниците на синдикатите.
Додаде дека Општиот колективен договор предвидува методологија за порастот на платите на вработените во јавниот сектор, просечна плата со коефициент ќе започне во март 2025 година и затоа во 2023 година има зголемување на платите од 10 проценти за вработените во јавниот сектор, а К-15 зголемен од сума на 10.000 денари, а во 2024 година К-15 ќе биде најмалку 30 проценти од порастот на просечната плата.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, изјави дека сега генерално е постигнат договор за реформи во однос на системот за регулирање на платите со тоа што ќе има раст на плати од 10 проценти за оваа година почнувајќи од септември и зголемување на К-15 за оваа година на 10 илјади денари, а од 2024 година ќе изнесува 30 проценти од просечната нето плата.
– И ова важи за сите, а притоа таму каде што има разлики ќе има усогласување, значи во однос на растот, тоа ќе важи за сите институции во земјата. Уште една важна работа, значи во овој дел платите ги регулираме системски, а регулираме и К-15.
По процедурата на потпишување на Општиот колективен договор ние веќе во септември ќе треба да одиме со ребаланс на буџетот, и ова да влезе и во буџетот за 2025 година, истакна министерот Бесими.
Во однос на прашањето дали ќе останат зголемените плати на функционерите, Бесими рече дека Владата веќе го кажала својот став околу ова прашање.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, по средбата изјави дека за нив е важно тоа што конечно се утврдува методологија со која ниту еден владин функционер повеќе ќе нема право да влијае на начинот на утврдување на платите на вработените во јавниот сектор.
– Ако има во предвид дека ја добивме просечна плата по коефициент на сложеност која ќе ја утврдиме во наредниот период врз основа на платите кои во моментов се земаат од страна на вработените во јавниот сектор и на таков начин платите на вработените во јавниот сектор од март 2025 година ќе пораснат за значителен процент и ќе значи навистина нешто добро што сме го направиле заедно, рече Трендафилов.
Според него, охрабрува тоа што уште во септември нема да има ниту еден вработен на минимална плата, тоа што беше најголема забелешка на вработените во изминатиот период и нагласи дека ќе се обидат тоа да го постигнат и со вработените во приватниот сектор преку преговори со организацијата на работодавачи.
– Дополнително добро е тоа што утврдивме конечно регрес за годишен одмор. Исправивме една голема неправда спрема вработените во јавниот сектор особено во здравството кои немаа добиено ниту еднаш до сега регрес за годишен одмор, рече претседателот на ССМ.
Вицепремиерот одговорен за економски прашања, Фатмир Битиќи овој договор го оцени како историски со којшто се забораваат старите навики на преговарање и уцени.
– Сметам дека, да можеме да лицитираме со бројки дали можело повеќе, дали можело помалку, тоа што ние требаше и го направивме, а тоа е на секој еден вработен во јавен сектор денес, па и понатаму којшто ќе одлучи да служи на граѓаните знае каква иднина може да има во однос на платите и дека ова е еден исчекор којшто мислам дека не само ние, туку и сите други влади понатака во државава но и во регионот ќе го земаат како пример како се решаваат проблемите со синдикатите, рече Битиќи.
Во однос на прашањето за мерење на продуктивноста во јавниот сектор и дали тоа подразбира дека ќе се стави чистење на сите институции вицепремиерот Битиќи смета дека следниот чекор за којшто ќе се отвори дискусија со синдикатите, токму оваа оптимизација на јавниот сектор ќе биде следниот чекор којшто треба да се направи.
МИА