еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Уставниот суд утврди повреда на слободата на јавно изразување на мислата на новинарот Стојановски во Собранието на 27 април

Уставниот суд на денешната седница донесе одлука со која се утврди дека е сторена повреда на слободата на јавно изразување на мислата на Влатко Стојановски, сторена со две пресуди, една од Граѓанскиот суд Скопје и една од Апелацискиот суд, и двете донесени во текот на 2021 година.

Според судот, во двете пресуди е пропуштено да се утврди повреда на слободата на изразувањето на Влатко Стојановски, како новинар од „Фокус“, за време на настаните од 27 април 2017 година, кои се одвивале во Собранието.

Како што изјави денеска портпаролката на Уставен суд, Христина Беловска, појдовна основа за заземање на овој став на Судот е тоа што слободата на медиумите, како составен дел на слободата на изразувањето ја опфаќа слободата на јавното информирање и слободното примање и пренесување на информации за прашања од јавен интерес.

-Сето ова претставува предуслов на постоење на демократско општество, бидејќи слободната комуникација на информации и идеи за политичките и други општествени прашања од јавен интерес се од суштинско значење.

Ова имплицира слобода на медиумите да добиваат информации врз основа на кои тие ќе можат да ја остваруваат својата улога, да коментираат и известуваат за сите прашања кои се значајни и од јавен интерес, додаде Беловска.

Како што потенцираше, наведените околности се важни и релевантни, но не биле земени во предвид од страна на надлежните судови кои одлучувале по барање на подносителот.

Таа напомена дека одлуката на Уставниот суд е конечна и извршна и надлежните судови се должни да ја применуваат.

– Таа е деклараторна и со тоа барателот ќе може да ги оствари своите права, нагласи Беловска.

Во однос на предметот заверен под реден број 87/2023 година, односно оспорениот член 1 од Закон за дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во државата, Уставниот суд на денешната седница одлучи да се отфрли иницијативата, бидејќи во случајот станува збор за дерогирана одредба која што е исцрпена во примената и не постојат основни услови за мериторно впуштање на судот за одлучување.

Ова, како што рече Беловска, се однесува на основицата за пресметување на платите на уставните судии во конкретен период.

-Во изреката за укинување не беше опфатена таа одлука, односно ова се однесува на изреката за укинување која што Судот ја донесе во март годинава и се однесуваше на замрзнатата основица и уште еден член, односно двата члена кои беа укинати тогаш.

Судот ја констатира таа одредба во образложението, но од причина што таа не беше дел од одлуката кога се укинаа двата члена од законот.  Оваа денешна одредба, која што беше оспорена е дерогирана со подоцнежни законски измени, што практично е надвор од сила, не е во правниот промет, додаде Беловска.

МИА/Фото: Уставен суд

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Трговците нема да имаат загуби од ограничувањето на маржите, тврди Бектеши

Редакција

Горивата поевтинуваат за два денари

Редакција

Села ја откажа средбата со Заев поради одземените надлежности на Таравари

Редакција