еМагазин
Image default
Македонија

ЗНМ и ССНМ бараат посебно одделение во ОЈО за заштита на новинарите

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија – ЗНМ, Младен Чадиковски заедно со претседателот на Самостојниот синдикат на новинарите и Медиумските работници (ССНМ), Павле Беловски денеска имаа средба со шефот на Скопското јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, информираат од ЗНМ.

На состанокот Чадиковски истакнал дека од исклучителна важност за унапредување на заедничката соработка и комуникација е формирање на ново одделение во рамки на Основното јавно обвинителство (ОЈО), кое ќе биде задолжено само за постапување по предмети кои се однесуваат на повреда на правата на новинарите и на медиумските работници, на нивната безбедност, како и на експлицитниот говор на омраза кон нив.

Од страна на Беловски било потенцирано дека и покрај тоа што безбедноста на новинарите и медиумските работници во изминатиот период во државава е подобрена, останува фактот дека перцепцијата за степенот на неказнивост на напаѓачите кон новинарите и медиумските работници останува на високо ниво и ова е потребно да се промени.

Драган Секуловски, директорот на ЗНМ истакнал дека ОЈО има обврска да ги следи препораките на Советот на Европа за поголема заштита на новинари, посебно ПрепоракаCM/Rec (2016)41 од Комитетот на министри до земјите членки за заштита на новинарството и безбедност на новинарите и другите медиумски актери.

„Според оваа препорака, Македонија како земја членка на Совет на Европа има обврска да создаде механизми за заштита на медиумските работници кога нивните права се нарушени, а додека се очекува да се изгласаат измените на Кривичниот закон, ова посебно одделение во ОЈО кое ќе работи за заштита на новинарите е добар модел,“ истакнал Секуловски.

Покрај ова, Секуловски укажал со цел да се намали степенот на неказнивост потребно е ОЈО да ги истражи старите случаи во кои се бележат закани по животот на новинарите, како и да биде проактивно во случаи кога новинарите се предмет на експлицитен говор на омраза и закани на социјалните мрежи.

Бубевски го истакнал своето задоволство дека овие конструктивни предлози од страна на еснафските здруженија се прифатливи и во идниот период како институција ќе се обидат во брзо време да одговорат позитивно на барањата на ЗНМ и ССНМ.

На денешниот состанок исто така се разговарало за унапредување на транспарентноста за работата на обвинителите, назначување на лица од обвинителството кои ќе работат на случаи кои се однесуваат само на предмети каде се вклучени новинари и медиумски работници како и подобрување на меѓусебната соработка за прашања од заеднички интерес и можноста да биде потпишан заеднички меморандум за соработка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Обвинителството досега не утврдило злоупотреба во вториот пензиски Фонд

Редакција

Македонија нема добиено никаков одговор за барањето за екстрадиција на Груевски од министерство во Унгарија

Редакција

На лицата со лоши намери кон нас, нема да им биде дозволен влез во државата на 4 февруари, најави Пендаровски

Редакција