Преку порака од бројот 112 за итни случаи беше побарано од жителите на четири населби во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина превентивно да се евакуираат поради големиот пожар што сè уште не е ставен под контрола, а неофицијално огнените јазици веќе се блиску до домови, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролот на противпожарна служба на Грција, Јанис Артопиос на вонредниот брифинг рече дека во делот зафатен од пожарот дува силен ветер, што го отежнува гаснењето од воздух.
Соопшти дека интервенираат 150 пожарникари, меѓу кои и 31 пожарникар од Романија, шест пешадиски тима, 40 возила, како и седум авиони и четири хеликоптери од кои еден е за координација.
Исто така, мобилизирани се и полициски сили за, како што рече, превентивна, безбедна и организирана евакуација на жителите.
Од бројот 112 за итни случаи до жителите на населбите во близина на пожарот беа испратени вкупно четири пораки од кои три беа за евакуација.
Во исто време со пожарот во близина на Атина, активен е уште еден пожар на Пелопонез во близина на Коринтскиот канал, каде што исто така интервенираат голем број пожарникари од копно и воздух, а и таму, превентивно беа евакуирани населби.
МИА/Фото: Министерство за климатски кризи и цивилна заштита на Грција