еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Хотелиерите побараа од Бектеши корекции за субвенциите, дел да одат во хотелите и кај домашните туристи

Дел од субвенциите во туристичкиот сектор да одат директно за хотелите, а дел да се пренасочи и за домашни туристи, побараа претставниците на хотелскиот сектор на денешната средба во Струга со министерот за економија Крешник Бектеши.

Претседателот на Асоцијацијата на хотелиери ХОТАМ, Крсте Блажески појасни дека побарани се само корекции во однос на одлуката за субвенционирање од 2010 година.

„Дадено е предлог дел од тие субвенции да одат и на хотелите, дел да ги вклучи и домашните туристи во одредени периоди на годината, но да продолжат и за странските гости. Туроператорите кои ги носат странските гости да го добиваат тој дел што го имаат, но малку корекции на сумите, кои беа давани за пример за холандски пазар, германски пазар, полски пазар итн.,“ рече Блажески.

Тие средства, нагласи, би ги употребиле за корегирање на плати, подобрување на условите за пречекување на гостите и подобрување на условите што ги нудат.

Ресорното Министерство, како што посочи Бектеши, веќе почнале да изработуваат нови програми со цел да му се помогне на хотелиерството на ниво на државата за подобрување на условите, што ќе овозможи повеќе туристи, кои би биле повеќе задоволни, а секако и подолго би престојувале.

„Тоа би го направиле и преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, каде што една од можностите да се вклучи и секторот угостителство и хотелиерство како директна поддршка во вид на грантови во дополнителни инвестиции, во подобрување на услови и слично.

Секако дека како поддршка би можело да биде и со измена и дополнување на постоечкиот правилник за субвенционирање каде што еден дел од средствата што се делат од страна на владините институции да остане директно кај хотелиерите, а тие средства би можеле да се користат за дополнителни инвестиции,“ рече Бектеши.

Тој потсети на податоците на Државниот завод за статистика, според кои, во првите шест месеци од годината има зголемување на странските туристи од над 40 отсто.

„Согласно сите податоци кои денеска имавме прилика да ги добиеме од страна на хотелиерите од Охридско – струшкиот регион, најверојатно трендот на зголемување на туристи ќе продолжи,“ истакна Бектеши.

На средбата со министерот, претставниците на ХОТАМ побарале и давачките кон државата за младите од 16, 17 години, кои работат сезонски да бидат субвенционирани од страна на државата и придонесите за платата да бидат вратени на тој што ги дал.

Првиот човек на ХОТАМ забележа дека интересот за поминување на неколку дена на охридско-струшко крајбрежје е на повисоко ниво од минатата година и оти септември и октомври се веќе доста зафатени.

МИА/Фото: Метропол

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Годинава се откриени 46 лица позитивни на ХИВ, неделава ќе има бесплатни тестирања

Редакција

„Светот на Биби“ и на пазарите на Блискиот Исток, Северна Африка и Канада

Редакција

Има стан во Австрија и кредит од 12,9 милиони денари: Каков имот пријавил министерот Насер Нуредини

Редакција