Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија на Горан Столевски е годинашниот македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“.
Одлуката денеска ја донесе Комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија, прифатена и одобрена од Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука, во состав: Игор Иванов – режисер и претседател на Комисијата, Кастриот Авдили – продуцент и режисер, Ана Стојановска – актерка, Марина Колоска – камера оператор, Лидија Мојсовска – режисерка, Емилија Ивановска-Атанасовска – костимографка, Ебру Мусли – актерка и Раде Василев – костимограф.
Во конкуренција за кандидатурата беа и филмовите: „М“ во режија на Вардан Тозија и „Преекспонирано“ режиран од Елеонора Венинова.
„Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција – Скопје неодамна ја имаше светската премиера на 80. издание на филмскиот фестивал во Венеција, каде ја доби 17. Queer Lion награда, во конкуренција од 16 филмови, меѓу кои и филмовите на Dog Man на Лук Бесон и Maestro на Бредли Купер.
Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, а продуцент е Марија Димитрова од Лист продукција – Скопје.
Главните улоги ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот „4 месеци 3 недели 2 дена“ (2007) на Кристиан Мунгиу и Алина Сербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија.
Членовите на Комисијата за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм”, според Статутот на Друштвото на филмските работници на Македонија ги избира претседателот на друштвото, Игор Иванов, а изборот на членови го одобрува Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука (Academy of Motion Picture Arts and Sciences – AMPAS).
Друштвото на филмските работници на Македонија е задолжено за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм” од самото осамостојување на Република Македонија, кога од Американската Академија за подвижни слики (AMPAS) беше препознаено како единствена релевантна институција за комуникација, селекција и кандидатура на македонски претставник за наградата.
96-та церемонија за доделување на Оскарите ќе се одржи на 10. март 2024 година, во Dolby театарот во Лос Анџелес.
Фото: Промо