Со порака „Правда за жртвите” прво пред Владата, а потоа и пред Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Скопје, по третпат се протестираше за криминалот на Клиниката за онкологија.
Александар Панајотов, кој е дел од организацијата, изјави дека ова е децениски проблем и наброи неколку случаи во кои страдале човечки животи.
Тој додаде дека протестираат поради инертноста на институциите, барајќи да се пронајдат одговорните, за, како што рече, хаосот во здравството.
– Доста е. На народот, веќе му е скиснато, порача тој.
Даријан Петров, активист, театарски актер, рече дека најновите сознанија од Клиниката за онкологија се застрашувачки.
– Како граѓанин на оваа држава, политички неутрален, кој живее, работи, креира и делува во матичната земја, ги охрабрувам и мотивирам сите сограѓани, да ги поддржат протестите. Во моментов, тоа е единствениот начин да се спротивставиме на системот. Нека ова биде почеток на градење на силна, критичка, народна маса, која жестоко ќе се спротивставува на секоја неправда во иднина, нагласи Петров.
Организаторите најавија дека ќе ги интензивираат протестите и повторија дека се бара судска разрешница за сите инволвирани во „скандалот со Клиниката на онкологија“, но и за обелоденување на информациите околу истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово.
– Нема да има социјална правда дури не се понесе одговорност за згаснувањето на животите на луѓето како резултат на корупцијата. Правда за жрвите мора да има!, е пораката упатена од протестот.
Нагласија дека донесените измени во Кривичниот законик нема да ги аболицираат инволвираните од нивните злосторства, доколку, како што истакнаа, ние тоа не го дозволиме.
-Ултиматумот од минатата недела не е исполнет, особено барањето ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата во рок од една недела и поради тие причини протестите ќе ги интензивираме.
Нашите барања и ултиматум од овој протест, се истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот Нино Васев, проширување на истрагата на работата на Детска онкологија, целосна ревизија на работата на Клиниката за онкологија, правосилни судски пресуди за сите инволвирани во злосторството и криминалот на Онкологија, обелоденување на информациите од истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово, одговорност од ЈО кое одлучи дека нема кривичо дела во трагичниот случај со малата Јана од Битола, наведоа организаторите.
Наводите за злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија предизвикаа реакции во јавноста, како и низа протести во Скопје.
Против измените на Кривичниот Законик протестираа студентите
Пред Владата денеска на протест излегоа и студенти кои се против донесените измени на Кривичниот законик, со кој се предвидуваат помали затворски казни за функционери и побрзо застарување на кривични дела.
Како студенти кои се запишале на правните факултети во Македонија, нагласуваат, не можеме да останеме рамнодушни на постојаната тенденција и постапки кои водат до целосно упропастување на правниот систем.
– Бараме да се врати правото, да се почитува како што треба и да има правда, изјави студентот, Лазар Симонов.
Студентите бараат да се анулираат измените на Кривичниот законик кои беа донесени неодамна. Бараат, како што велат, правдата да ги стигне сите оние кои придонеле за огромната недоверба во правниот систем.
Според нив, на Македонија ѝ е потребна нова генерација правници.
– Чашата ја прелија новите брзи, нетранспарентни измени на Кривичниот законик. Затоа не можеме да бидеме тивки како студенти кои решиле да останат во Македонија и да се борат за правда во оваа држава, порачаа тие во најавата за протестот.
Бараат одговорност и порачуваат да не се злоупотребува европското знаменце.
– Доста е од злоупотреба на европското знаме, затоа бараме и сметаме дека е нужно некој конечно да одговара за ваквите фалсификувања. Доста е од користење и урнисување на правото и законите за лични, политички интереси! Бараме правдата да ги стигне сите оние кои допринеле до огромната недоверба во правниот систем, стои во најавата за протестот.
МИА/еМагазин/видео: А1он