Собранието на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), на денешната седница го избра новиот состав на Претседателството на МАНУ за мандатниот период 2024 – 2027 година, што ќе го предводи академик Живко Попов, информираат од таму.
Мандатот на досегашното Претседателство и на претседателот Љупчо Коцарев завршува на 31. декември годинава.
Членови на новиот состав на Претседателството се: академик Живко Попов – претседател, академик Алајдин Абази – потпретседател, академик Витомир Митевски – потпретседател, дополнителен член Блажо Боев – секретар, академик Ѓорги Поп-Атанасов – секретар на Одделението за лингвистика и литературна наука, академик Владо Камбовски – секретар на Одделението за општествени науки, академик Нада Поп-Јорданова – секретар на Одделението за медицински науки, академик Љупчо Коцарев – секретар на Одделението за технички науки, академик Дончо Димовски – секретар на Одделението за природно-математички и биотехнички науки, академик Влада Урошевиќ – секретар на Одделението за уметност, академик Глигор Каневче – избран член.