еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Позастрашувачко од тоа што сме негирани однадвор е дека самите се самонегираме, вели г.г. Стефан

Позастрашувачко е тоа што во последниов период не само што сме негирани однадвор, туку самите се самонегираме, рече на вчерашниот форум „Како да го заштитиме македонскиот идентитет“, поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Апископија г.г. Стефан, кој подвлече дека не е ново негирањето на правото на постоење и одземањето на историјата и културата, затоа што народот и црквата, рече, одамна се научени на тоа, пренесува државната агенција МИА.

-Но, нов елемент и далеку позастрашувачко е тоа што во последниов период не само што сме негирани однадвор, туку самите се самонегираме, самоодрекувајќи се од столбовите на нашиот идентитет.

Тажно е кога волкот ќе ги нападне овците, но уште пострашно и потажно е кога нив ќе ги нападне шарпланинецот, кога ќе се оволчи оној чија улога е да ги заштитува паствата од волците.

И тажно беше кога однадвор други не негираа застапувајќи ги своите интереси, но неспоредливо потажно е кога самите однатре се негираме застапувајќи туѓи интереси како свои, рече тој, додавајќи дека има „некои Македонци со антимакедонски постапки“ кои или за лична корист или во служба на туѓи интереси се подготвени и волни да отстапуваат од македонската историја и македонскиот јазик.

Посочи дека се излажале „главните идеолози на таквите обиди на кои нашите им слугуваат“ кои мислат дека нашиот идентитет е како кула од карти која ќе се урне ако се повлече една, затоа што, рече, македонскиот народ е пиреј – трева што не умира и ништо не ја ништи.

Според него, само одржувајќи го христијанскиот идентитет, македонскиот народ ќе го зачува „македонскиот, библиски, јазичен, културен и историски идентитет“.

-Уште Стариот завет нѐ учи да ги почитуваме нашите татковци и мајки и ако ја почитуваме таа заповед тогаш треба да ги почитуваме нашите прадедовци и прабаби по род кои се вложија во градењето на нашата историја и култура, нашата Црква и држава…

Доколку останеме верни на прадедовската вера, доколку останеме облечени во Христа тогаш ќе градиме и општество на здрави луѓе кои ќе имаат љубов и одговорност кон својата татковина и кон својот народ. Така меѓу нас ќе нема веќе „кафеави сахиби“ и оволчени шарпланинци, личности кои почитувајќи ги туѓата историја, јазик, вера и култура, по никаква цена не ќе ги раздаваат и продаваат своите.

За оние коишто тоа досега го правеле, го просиме Бога да им прости оти не знаат што прават, рече г.г. Стефан.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови 316 случаи на Ковид-19, во Скопје 140

Редакција

Општина Центар склучи договор со ЕСМ Продажба вреден 868,6 илјади евра

Редакција

(СЛЕДЕТЕ ВО ЖИВО) Колони возила на „Богородица“, се чека 40 до 50 минути

Редакција