Хуманитарен настан наменет за лицата со церебрална парализа ќе се одржи утре (27. април) во Веро центар во Скопје, информираат од таму.
Настанот „Хуман Велигден за сите“ ќе почне во 10 часот и ќе трае до 14 часот. На овој настан ќе се изработуваат и продаваат уникатни фигури направени од чоколадо, а за најмладите ќе има детска велигденска работилница за креативни изработки.
Освен во чоколадните задоволства и креативната работилница, посетителите ќе уживаат во богата музичка програма и танчерски настапи, но и во други бројни изненадувања наменети за сите возрасти.
Собраните средства од хуманитарниот настан ќе бидат наменети за опремување на центарот за лицата со церебрална парализа од здружението „Соѕвездие“.
Со посета и учество во овој хуманитарниот настан, посетителите имаат можност заеднички да придонесат за да им го разубават претстојниот празничен период на лицата со церебрална парализа, но и да им помогнат во создавање подобри услови за извршување на нивните секојдневни активности.
Целта на настанот е да се споделува љубов, емпатија и меѓусебно помагање и да се испрати порака дека хуманоста не познава граници.