еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

(ФОТО) Доделени наградите на Советот за етика во медиумите за најдобри новинарски стории

Советот за етика во медиумите на денешната прес-конференција ги соопшти наградите од конкурсот за најдобри новинарски стории од сферата на општествено – социјалниот живот, со фокус на унапредувањето на човековите права и промовирањето на правата на социјално ранливите и маргинализирани групи.

Според едногласната одлука на 3-членото жири, прво место освои сторијата на Хекуран Аќифи за прилогот со наслов „Во пресрет на денот на белиот стап – дали сме хумано општество само на хартија“, објавен во емисијата 360 степени, што се емитува на Алсат М телевизија.

Според извештајот на жирито „најдобрата сторија се однесува на една инспиративна приказна која зборува за луѓето кои секој ден се будат и се соочуваат со животот без помош на својот вид. Но, како што вели авторот, луѓе кои потврдуваат дека ако имаш волја и доволно храброст сончевите зраци ќе топлат сечии очи. Низ професионална и едноставна нарација, надополнета со висококвалитетна визуелна обработка, авторот сите нас не’ исправува пред прашањето: во какво општество живееме и што можеме да сториме слушајќи го гласот на лицата без вид? “.

Второнаградената сторија на годинешниот конкурс на СЕММ е на авторите Ана Цветковска Тороманоска и Борис Куноски, за серијалот текстови објавени во Македонската информативна агенција МИА кои се однесуваат на условите во затворот и притворското одделение во Шутка, корупцијата во затворите и прашањето околу ресоцијализацијата на затворениците.

Жирито одлучи на годинешниот конкурс третата награда да ја поделат два новинарски труда. Едната се доделува на Емилија Петреска и Стефанија Тенекеџиева за новинарските стории посветени на бегалците, објавени на Радио МОФ.

Според жирито, авторките обработуваат мошне актуелна тема и на сестран начин, со силна посветеност и користење широк спектар на извори, ги разоткриваат проблемите со кои се соочиле овие групи во општеството.

Трета награда се доделува и на Александар Манасиев и Мирко Трајановски за краткиот документарен филм со наслов „Собирачи“, објавен на Види Вака. Тој обработува тема која досега воопшто не била или била симболично третирана во медиумите, давајќи им глас на луѓето што ретко имаат можност јавно да зборуваат за проблемите и се речиси општествено невидливи.

Освен награди за најдобрите стории, жирито одлучи да додели и три пофалници. На Никола Здравковиќ за прилогот со наслов „Кој и како ја донесе моќната „Економија“ до питачки стап и има ли надеж да се врати на стариот пат“, објавен во рамки на емисијата 360 степени на ТВ Алсат М“.

Жирито одлучи да додели пофалница и за приказната со наслов “Наставникот од Свети Николе и неговиот ученик со аутизам: Би лажел ако речам дека е лесно, но е голема привилегија – јас учам од него“ на авторката Весна Ивановска, објавена на порталот www.fakulteti.mk.

Пофалница е доделена и за сториите објавени во списанието „Лице в лице“. Се работи за новинарските приказни „Бегалци во сопствената земја“ на Анета Ристеска, „Списание по списание куќа“ на авторката Маја Раванска и „Падобранци со посебни предизвици“ на авторот Јане Стефанов.

„Потребна е смисла за правда, посветеност и работа за да се подигне свесноста за проблемите на најчувствителните и маргинализирани групи граѓани. Фокусот врз нарушувањето на човековите права е единствениот начин да се направи промена. Заштитата на човековите права е столб на Проектот на Европската унија и нејзина филозофија“, рече Шефот на делегацијата на ЕУ Самуел Жбогар, во неговото обраќање на настанот.

Со жирито претседаваше Санта Аргирова, а негови членови беа и Весна Никодиноска и Сељадин Џезаири.

На годинешниот конкурс се пријавија 62 стории од вкупно 35 автори, од кои 28 беа објавени на интернет портали, 10 во печатени медиуми, 13 на телевизија, 8 на радио и 3 на други медиумски платформи.

Наградите се доделуваат со финансиска поддршка од УНЕСКО и ЕУ во рамки на проектот „Градење доверба во медиумите во Југоисточна Европа и Турција“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Галерија) Македонските „тигри“ најспремни во светот во брзо и прецизно пукање

Редакција

(Фото) ЕВН Македонија повторно ги отвори вратите на музејот „Матка“

Редакција

Вкусовите на Германија промотивно во Веро до крајот на октомври

Редакција