еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Косовската претседателка тврди дека на скопскиот аеродром се обиделе да и го одземат телефонот, од ТАВ Македонија категорично ја демантираат

За инцидентот на Меѓународниот аеродром Скопје, со своја верзија, се огласија и од Кабинетот на косовската претседателка, Вјоса Османи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Лице од обезбедувањето на Гаши предизвика инцидент на скопскиот аеродром

Од таму тврдат дека однесувањето на македонскиот аеродромски службеник било спротивно на секоја меѓународна практика, според која, шефовите на држави кога патуваат се заштитени со дипломатски привилегии и имунитети.

„Спротивно на меѓународните практики и Виенската конвенција за дипломатски односи, обезбедувањето на скопскиот аеродром се обиде да ѝ го земе личниот телефон на претседателката. Таа не дозволи такво нешто, бидејќи тоа би било сериозно прекршување.

И покрај образложението на правилата што тимот на претседателката му го соопштиле на аеродромскиот службеник, тој се обидел физички да ја турне претседателката, при што косовската полиција била принудена да реагира.

Ваквото однесување на македонскиот аеродромски службеник е спротивно на секоја меѓународна практика, според која, шефовите на држави кога патуваат се заштитени со дипломатски привилегии и имунитет“, велат од таму и тврдат дека аеродромскиот персонал ѝ ја одзел и чантата на Османи, спротивно на правилата.

„Прекршувајќи ги овие правила, македонската страна ѝ ја одзеде чантата на претседателката. Иако тоа е спротивно на правилата, тимот на претседателката го дозволи за претседателката да може да влезе на аеродромот, поточно во ВИП-салонот, кој беше резервиран со нота од нашата амбасада, како што е практика за патувањата на шефовите на држави.

Но, од безбедносни причини, не е дозволено предавање на личниот телефон на кој било начин. Арогантното и насилничко однесување на службеникот на скопскиот аеродром е без преседан и никогаш не се случило на ниту едно патување на претседателката никаде во светот“, се вели во реакцијата.

Османи го известила претседателот на Собранието на Македонија, Африм Гаши, на кого му се заблагодарува за укажаната помош.

Од кабинетот на Османи тврдат дека откако претседателката влегла во авионот, скопскиот аеродром не дозволувал комерцијалниот авион да полета кон Љубљана повеќе од еден час под изговор дека словенечката држава не го дозволувала тоа затоа што тамошниот аеродром не бил подготвен за слетување.

Но, се додава во реакцијата, од кабинетот на Османи стапиле во контакт со словенечката страна од каде им било кажано дека тоа не било точно и оти авионот ќе можел да слета во предвиденото време.

„Претседателството го смета секој напад и нерегуларно постапување во спротивност со меѓународните конвенции на високи државни функционери како напад врз самата држава Косово.

Република Косово никогаш во својата историја не се однесувала на таков начин кон претседателот, премиерот или министрите на Северна Македонија или која било друга земја, ниту пак некогаш ќе дозволи такво нешто“, велат од таму.

Од ТАВ Македонија категорично ја демантираат Османи.

„Категорично ги отфрламе наводите дека наш вработен од одделот  за обезбедување се обидел да го одземе телефонот. Телефонот и’ беше побаран со цел да се подложи на задолжителен безбедносен скрининг преку уредот за рентген.

Согласно Документот 30 (Doc.30) на ECAC и Националната програма за безбедност на цивилното воздухопловство, сите патници, кабински багаж и нивните лични предмети со кои патуваат на комерцијален лет, како во овој пример, се предмет на безбедносен преглед.

Доколку не сме усогласени со овие правила, пилотот на летот ќе го одбие влегувањето во авион на патникот.

Виенската конвенција за дипломатски односи ги ослободува од безбедносен преглед само официјалните гости на Владата на Република Северна Македонија, а операторот на аеродромот добива официјално известување за таквите изземања од Министерството за внатрешни работи.

Насоките што ги доби нашиот Оддел за обезбедување од страна на Одделот за заштита на одредени лица и објекти јасно кажуваат дека членовите на делегацијата мора да поминат стандардна безбедносна проверка во согласност со утврдените процедури“, велат од компанијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ТАВ Македонија има законско право да го провери секој патник: Скопскиот аеродром за инцидентот со косовската претседателка

Гаши го демантира МВР за инцидентот со косовската претседателка, неговото обезбедување ја смирувала ситуацијата

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Словачка ги прекинува испораките на оружје за Украина

Редакција

МВР поднесува пријави за учесниците во литијата во Струга

Редакција

Обвинетиoт Трајковски, поранешен градоначалник на Гази Баба, даде одбрана во случајот „ТНТ“

Редакција