Со почетокот на учебната година, започнува и новиот циклус предавања на Народната банка од областа на финансиската едукација, информираат од таму.
„Финансиската едукација е дел од стратегиските цели на Народната банка и преку обезбедување непрекинатост во процесот и постојано зголемување на опфатот на населението од различни целни групи, се цели кон унапредување на финансиската писменост во земјава.
За закажување предавање во делот на финансиската едукација, наставниците од средните и основните училишта треба да го пополнат формуларот којшто може да го најдат на страницата за финансиска едукација на Народната банка nbrm.mk и да го достават на е адресата [email protected], по што ќе бидат побарани за организација на предавањето,“ велат од Народна банка.
Во изминатите години, Народната банка преку активностите за унапредување на финансиската писменост, има едуцирано околу 22.500 граѓани, од различни возрасти и образование, а исто така има изработено голем број материјали за спроведување на финансиската едукација.
Под водство на Народната банка, финансиските регулатори ја донесоа првата национална Стратегија за финансиска едукација за периодот 2021 − 2025 година. Во согласност со Стратегијата, донесен е и Кодексот на добри практики, преку кои се обезбедуваат квалитетни едукативни програми, посветен и коректен пристап од страна на сите вклучени субјекти во процесот на едукација, вклучително и од приватниот и граѓанскиот сектор.