еМагазин
Image default
Македонија

Мисовски до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ: За многу прашања жестоко сме се расправале, но европскиот пат ни е заеднички

Горан Мисовски, пратеник од коалицијата предводена од СДСМ кој воедно е и потпретседател на Собранието на Република Македонија денеска на прес-конференција рече дека пратениците се исправени пред сериозна одлука, која што ја дефинира иднината на нашата држава, иднината на граѓаните, на идните генерации.

„Имаме историска, генерациска обврска да го следиме гласот и желбата на огромното мнозинство граѓани и да ги реализираме врвните стратешки интереси на Македонија за членство во ЕУ и НАТО. Владиниот Предлог за пристапување кон уставни измени, како чекор од Преспанскиот Договор, е јавно достапен пред граѓаните, пред пратениците, пред јавноста. Се потврди, со уставните измени не се губи ништо. Напротив, се обезбедува иднина во ЕУ и НАТО со зајакнат македонски идентитет кој конечно станува признаен од целиот свет“, рече Мисовски.

Тој додаде дека со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, преку парламентарната дипломатија заеднички ги бранеле интересите на Република Македонија, биле единствени и во Вашингтон, Брисел, Париз и во Лондон и секаде го промовирале ставот дека Република Македонија заслужува и треба да биде членка на НАТО и на ЕУ.

„За многу прашања сме имале различни ставови, жестоко сме се расправале. Но за Евроатланскиот пат на Македонија секогаш сме имале единствен став. Заеднички ги пребродивме и најтешките моменти во Собранието, а ги имаше многу. Токму од тие причини ги повикувам сите пратеници во Собранието на Република Македонија да преземат одговорност за иднината на нашата држава и да ги поддржат уставните измени.Упатувам апел до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат волјата на граѓаните и заеднички да обезбедиме европска иднина за сите граѓани на Република Македонија. Огромното мнозинството граѓани од над 80% се одлучи дека иднината на Македонија е во ЕУ и НАТО“, додаде Мисовски.

Фото: СДСМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кирацоски тврди дека власта обезбедила мнозинство за уставните измени

Редакција

Јахоски не ја напуштил пратеничката група на ДУИ, на веб страната на Собранието е направена техничка грешка

Редакција

(ВИДЕО) Претседателот на Собранието, Џафери доби подарок-карта на „Голема Албанија“

Редакција