Претпријатието Македонски енергетски ресурси реагира на соопштението на граѓанската иницијатива „Го сакам Водно”, и информира дека изградбата на гасоводот на лот5 , Скопје –Тетово – Гостивар, продолжува според основниот проект кој што има правосилно одобрение за градба, и сите други потребни дозволи дефинирани со позитивните законски прописи.
Од таму велат дека изградбата е според сите стандарди на квалитет и безбедност.
„Ако има сомнеж или индикации за каква било повреда на некои законски постапки и прописи, ги повикуваме сите што евентуално поседуваат такви информации да се обратат до надлежните институции во рамки на правниот систем на државата.
Воедно сакаме да информираме дека МЕР има постојана комуникација и соработка со гореспоменатото граѓанско здружение, со цел инклузивност, информираност и сеопфатност, и така ќе продолжиме и понатаму. Координацијата можеше да биде уште поефективна доколку граѓанската иницијатива воспоставеше појасна структура за комуникација со институциите, на што МЕР укажа некоку пати, и поради што се појавија извесни недоречености и недоразбирања“, се вели во соопштението на МЕР.
Во него се додава дека како резултат на овие разговори произлегле низа предлози идеи и сугестии кои што придонеле за намалување на влијанието врз животната средина.
„Напоменуваме дека Владата, МЕР и Град Скопје ги прифатија најголемиот дел од барањата и сугестиите, како што се намалување и стеснување на работниот појас, измена од 20км до 24км, со цел избегнување на сечење на дел од шумата, направен е проект за дополнителни мерки за ерозија, програма за рекултивација на која што веќе работи работната група, носење на закони за Водно, Матка и Гази Баба, за кои веќе се работи во надлежните институции, финансирање на неколку еколошки проекти, за кои има одлука на влада – и ред други технички барања и сугестии. Но, мора да се напомене дека барањето за изнаоѓање алтернативна траса во оваа фаза на реализација на проектот, не е возможна, од причини што неколку пати беа образложени“, се додава во соопштението.
Од МЕР велат дека барањето на некои од иницијативите за откажување од проектот Гасификација е целосно неприфатливо бидејќи е спротивно на интересите на граѓаните, спротивно на заштитата на животната средина и спротивно на очекувањата на бизнис заедницата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Активистите за спас на Водно: После месечна борба на претставки и жалби, стигнавме до амбис