Владата на предлог на Министерството за здравство (МЗ), ја усвои информацијата за формирање Центар за итна медицинска помош Скопје, со цел воспоставување поефикасен и поодржлив систем за итен медицински одговор, скратување на времето на интервенција и унапредување на капацитетите за спасување човечки животи, информираа од МЗ.
„Одвојувањето на Итната медицинска помош (ИМП) претставува значајна системска реформа насочена кон зајакнување на организациската и оперативната самостојност на службата.
Со формирањето самостоен Центар за итна медицинска помош ќе се овозможи поефикасно управување со ресурсите, посебно буџетско планирање, побрзо донесување одлуки и подобрување на одговорот на итните повици.
Предложената реформа не претставува создавање нов систем, туку институционално зајакнување и модернизација на постојната организација за подобро планирање на ресурсите, инвестициите и кадровскиот развој“, појасни министерот за здравство, Азир Алиу.
Во првата фаза е предвидено издвојување на ИМП Скопје како самостојна институција, по што постепено ќе следи интегрирање на останатите служби во рамки на идниот Центар за итна медицинска помош.
-Реформата се темели на позитивните искуства од земјите во регионот, каде итната медицинска помош е организирана како самостојна институционална структура, што овозможува подобра координација на тимовите, поефикасно користење на ресурсите и воспоставување единствени стандарди за работа и професионален развој.
Формирањето на Центарот ќе придонесе за надминување и на долгогодишните кадровски и организациски предизвици, обезбедувајќи поефикасен систем на итна медицинска помош за граѓаните, велат од таму.













