Инспекцискиот надзор во три здравствени установи треба да утврди зошто 19-годишна пациентка остана неподвижна по царски рез

Во врска со случајот на Станка Михајлова од струмичкото село Баница, 19-годишна пациентка која по царски рез остана неподвижна, Министерството за здравство информира дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) спроведува вонреден инспекциски надзор во сите три здравствени установи во кои била третирана и тоа: Општа болница Струмица, Клиничка болница Штип и Универзитетска клиника за неврологија Скопје. 

Во наредните денови се очекува ДСЗИ да ги комплетира надзорите и да ја прибере целокупната медицинска документација од трите здравствени установи. Врз основа на целосно утврдената фактичка состојба, ќе следат заклучоците од стручниот надзор, и доколку е потребно, понатамошни дејствија.

„Министерството за здравство посебно потенцира дека почитувањето на правото на пациентката на достоинство, приватност и заштита на личните и медицинските податоци е неприкосновено во текот на целата постапка.

Секој пациент има законско право на безбедна, квалитетна и правовремена здравствена заштита, како и право на целосна и разбирлива информација за сопствената здравствена состојба. Министерството ќе се погрижи овие права целосно да бидат почитувани — како во текот на инспекцискиот надзор, така и во натамошната комуникација со пациентката и нејзиното семејство.

Министерството за здравство уверува дека случајот ќе биде разгледан темелно, професионално и до крај. Ниту еден аспект нема да биде изоставен, а доколку се утврдат пропусти, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно надлежностите и важечките законски прописи.

Ја повикуваме јавноста на воздржаност додека траат постапките и апелираме да не се изнесуваат предвремени заклучоци, шпекулации или лични податоци што би можеле дополнително да ги вознемират пациентката и нејзиното семејство.

Министерството истовремено апелира на јавноста и медиумите за коректност и заштита на достоинството на здравствените работници вклучени во случајот, чија евентуална одговорност ќе биде утврдена единствено врз основа на резултатите од стручниот надзор, а не преку јавно осудување пред нивно завршување,“ се вели во соопштението.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

19-годишна девојка од струмичко не може да оди по царски рез

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести