Врховен ги укина пресудите за автобуската несреќа кај Ласкарци, сите осудени излегуваат од озатвор

Врховниот суд ги укина пресудите на Основниот кривичен суд Скопје и Апелациониот суд Скопје за несреќата на автобусот на „Дурмо турс“ кај Ласкарци, во која во февруари 2019 година загинаа 16 лица, а над 30 беа повредени.

Одлуката ја донесе Советот за казниви дела во состав: претседателот на Судот, Африм Фидани, известителот на предметот, Џемали Саити, Сафет Кадрии, Цветанка Периќ и Мирјана Лазарова-Трајковска.

Укинувањето на пресудата значи дека сите осудени за трагедијата ќе излезат од затвор, и ќе има ново судење.

Обвинети во случајот беа сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорното лице за транспорт во компанијата, Ремзи Мифтари и возачот Маноил Трифуновски. Тие беа обвинети за “Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

Обвинети за соучество во истото кривично дело беа и тројца вработени во станицата за технички преглед – Игор Ѓорѓиевски, Јане Боваровски и Горан Дуковски.

Во мај лани Апелација им ги зголеми казните на Белули и Мифтари, од 6 на 10 години, а на Ѓорѓиевски и Дуковски од 5 на 7 години.

Сите осудени отидоа во затвор, а Белули и Мифтари поради здравствени причини го одложуваа одењето во затвор.

На крај Белули отиде во затвор, а Мифтари избега од Македонија.

Белули и Мифтари беа обвинети дека не се придржувале кон безбедносните прописи, дозволувајќи технички неисправен автобус да учествува во сообраќајот, вработените во станицата за технички преглед дека дозволиле неисправниот автобус да помине на технички преглед, а возачот дека бил свесен за неисправноста на возилото, а го управувал истото и дека удрил во метална ограда поради невнимание.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести