Во услови на зголемена изложеност на ризици од катастрофи, особено од шумски пожари, поплави и екстремни временски услови, системот за заштита и спасување не секогаш располага со потребната стратешка, институционална и оперативна подготвеност за ефикасен одговор, утврди Државен завод за ревизија (ДЗР).
Со ревизијата се утврдени слабости во стратешкото планирање, координацијата и управувањето со ресурсите, недоволни човечки и материјални капацитети, како и ограничено инвестирање во модернизација и опремување.
Според податоците на ЈП„ Национални шуми“, во периодот 2023–2025 година евидентирани се 82.714 хектари изгорена површина, 914.657 м³ изгорена дрвна маса и штети во износ од 133.663.967 евра при што само во 2024 година штетата изнесува 83.121.333 евра,“ се вели во извештајот.
Слабостите и потребата од реформи во системот за заштита и спасување се констатирани уште со скринингот спроведен од ЕУ преку Европскиот механизам за цивилна заштита во 2018 година, но до денот на ревизијата, иако се преземени повеќе иницијативи, реформите не се спроведени.
„Не е донесена Национална стратегија за заштита и спасување како стратешки документ за дефинирање на цели и приоритети, при што последната е со важност до 2018 година.
Изготвена е Нацрт стратегија за периодот 2026–2030 година која не е усвоена, а не е донесена и Годишна програма за заштита и спасување за спроведување на стратегијата.
Дополнително, Планот за заштита и спасување на Републиката не е ажуриран, а воедно во ревизијата не е презентиран доказ дека е усвоен од страна на Владата. Процената на загрозеност од природни непогоди и други несреќи на територијата на Републиката е донесена во 2007 година, истата не е ажурирана согласно новите ризици и современите услови. Исто така не е донесена нова Методологија за содржината и начинот на проценување на опасностите и планирањето на заштитата и спасувањето.
Отсуството на стратешки документи придонесува за недостаток на јасно дефинирани приоритети, насоки за развој и сценарија за дејствување, што влијае врз начинот на управување со ризици и катастрофи.
Системот предвидува постоење на Републички и просторни сили за заштита и спасување, со јасно дефиниран модел на постапност (сопственик – општина – Република – меѓународна помош).
Оперативните сили се соочуваат со недоволна пополнетост со човечки ресурси, недостаток на опрема и отсуство на механизми за следење на нивната ефективност,“ се додава во соопштението.
Функционирањето на планинското спасување не е законски уредено како дел од оперативните сили во системот на заштита и спасување, наспроти праксата во одделни европски држави, каде противпожарните единици, Црвениот крст и планинското спасување претставуваат клучни столбови на оперативниот систем за заштита и спасување.
Како позитивен пример, ревизијата ја издвојува Општина Охрид и Планинската спасителна служба на Црвен крст Охрид, каде е воспоставена функционална организација, координација и оперативна подготвеност, со обезбедено финансирање, човечки ресурси и обучени спасувачи согласно меѓународните стандарди.
Фото/Unsplash














