МВР: За осум месеци 34 помалку загинати и 863 помалку настрадани лица во сообраќајни незгоди

Во периодот јануари–август 2025 година во сообраќајни незгоди животот го загубиле 96 лица, додека во истиот период од 2026 година загинале 62 лица, што е за 34 помалку, односно има намалување од 35,42%, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи.

Истовремено, вкупниот број на настрадани лица е намален од 4.731 на 3.868. Станува збор за 863 помалку загинати и повредени лица, односно има намалување од 18,24%.

„Овие бројки се јасна потврда дека системскиот пристап во унапредувањето на безбедноста во сообраќајот дава конкретни резултати. Вкупниот број сообраќајни незгоди е намален од 5.485 на 4.840, односно за 11,76%. Бројот на сообраќајни незгоди со смртни последици е намален од 82 на 54 или за 34,15%, додека бројот на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди е намален од 594 на 528, односно за 11,11%.

Бројот на сообраќајни незгоди со телесни повреди е намален од 2.291 на 1.896 или за 17,24%, а бројот на сообраќајни незгоди со материјална штета од 2.518 на 2.362, односно за 6,20%. Бројот на лица со телесни повреди е намален од 3.949 на 3.116, односно за 21,09% или 833 лица. Бројот на лица со тешки телесни повреди е на приближно исто ниво – 686 во 2025 и 690 во 2026 година.

Значењето на овие резултати е уште поголемо ако се земе предвид дека со години бројот на жртвите во сообраќајот остануваше на високо ниво. Во периодот од 2010 до 2025 година во сообраќајни незгоди годишно загинувале меѓу 116 и 198 лица, а во 2019 и во 2025 година биле регистрирани по 132 загинати лица. Тоа покажува дека подолг период не било постигнато суштинско и одржливо намалување на бројот на жртвите.

Позитивната промена во 2026 година е резултат на интегриран пристап кој ги опфаќа системот „Безбеден град“, законските измени, засилените полициски контроли и континуираните превентивни активности,“ велат од МВР.

Фото: МВР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести