Од денеска почнуваме до крај, а крајот ќе биде кога ќе падне Зоран Заев и нема назад. Сега е тоа време, време е за акција. Ова не е битка за ден или за два, ќе трае подолго и свесен сум дека ќе се обидат со подмолни удари да не поткопаат, да не обесхрабрат. Но ќе ви ветам дека сигурно ќе ги победиме и нема алтернатива, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од пред Владата, каде што беше целта на протестниот марш на партијата.
Тој рече дека оваа власт мора да си замине затоа што година и половина ја уништува Македонија. Најави протести во други градови во земјата, но и дека опозициската партија пред Владата ќе протестира секоја среда.
„Ни ветуваа пет проценти раст на БДП во програмата што ја нарекоа „Живот“, пекол донесоа, темнина донесоа кај секој еден граѓанин во Република Македонија“, рече Мицкоски.
На следните избори, според Мицкоски, опозицијата ќе победи и ќе ја порази власта жестоко и ќе и го покаже местото во историјата обвинувајќи за распродажба на националните интереси и понижувања.
Протестен марш на ВМРО-ДПМНЕ 28.11.2018
Во живо од Протестниот марш на ВМРО-ДПМНЕ
Posted by Hristijan Mickoski on Среда, 28 ноември 2018
„После сите овие понижувања и омаловажувања што ни ги направивте овие година и половина, после сите распродажби на националните интереси, после целиот хорор којшто и го направивте на вашата татковина, се обидовте да направите Македонецот да биде рамнодушен. Но, ние тоа нема да ви го дозволиме. Ние ќе застанеме еден до еден сите заедно со сите граѓани без разлика на нација, без разлика на вера против вас и ќе ви го покажеме вашето место во историјата, на темната страна на историјата на следните предвремени или редовни парламентарни избори ќе ве поразиме жестоко“, рече Мицкоски.
Претседателот на најголемата опозициска партија потсети дека пред една година власта ја злоупотребила својата позиција кога на пратениците од опозицијата им беа, како што кажа, ставани лисици и се омаловажуваа пред македонската јавност.
Кога станува збор за СДСМ одговорност нема, но ќе дојде ден кога ќе одговарате сите, рече тој, посочувајќи на убиства што се уште не се расветлени и на претресите на возилата на членови на ВМРО-ДПМНЕ и побара одговорност од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„На тој начин ли сакаат да се справат и да ја загушат опозицијата“, праша Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ упати повик до своите сопартијци кои, како што кажа, не дошле на денешниот протест да им се придружат.
„Нашиот револт ќе биде изразен демократски, гандиевски, со мирни протести ќе им покажеме како се сака татковината. Нема да фарбаме, нема да кршиме“, рече Мицкоски.
Повика на масовност и мобилизација, но и на чесност и принципиелност кај членството за повторно ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт.
„Сега е тоа време, време е за акција. Ова не е битка за ден или за два, ќе трае подолго и свесен сум дека ќе се обидат со подмолни удари да не поткопаат, да не обесхрабрат. Но ќе ви ветам дека сигурно ќе ги победиме и нема алтернатива, дури и оние новите нивни поддржувачи кои што застанаа рамо до рамо со нив од вчера“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го почна мирниот протестен марш пред седиштето на партијата и рутата до пред Владата на РМ раководството и членовите на партијата ја минаа пеш.
МИА/Фото/Видео:Фејсбук/Христијан Мицкоски