Прилеп и неговата околина ќе добијат стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија во наредните 20 години со модернизацијата на трансформаторската станица „Прилеп 1“ во која МЕПСО вложува 1,1 милиони евра.
По тој повод денеска во трансформаторската станица „Прилеп 1“ договор за модернизација склучија Сашо Василевски, генералниот директор на МЕПСО, и Бранислав Лековиќ, претставник на конзорциумот изведувачи „Кончар КЕТ“ од Хрватска и домашната компанија „Елтек“.
Модернизацијата на трафостаницата вклучува промена со нова на високонапонска опрема што е во функција 40 години. Станува збор за вградување на нови прекинувачи, разделници и мерни трансформатори и нова опрема за контрола и далечинско управување со трафостаницата, нов системи за мерење електрична енергија и нов систем за релејна заштита.
Василевски изјави дека Прилеп добива сигурно и стабилно снабдување со квалитетна електрична енергија за идните 20 години и додаде:
– МЕПСО за жителите и компании во Пелагонија сега вложува 6 милиони евра. Станува збор за три инвестиции во преносната мрежа во Пелагонија. Овде во оваа трафостаница вложуваме 1,1 милиони евра, уште 1 милион евра сега вложуваме во трафостаницата „Битола 2“, а склучивме договор вреден 3,9 милиони евра за изградба на нов далекувод што ќе ќе поврзе оваа со трафостаницата „Битола 1“ , потенцираше Василевски, генералниот директор на МЕПСО по потпишувањето на договорот со „Кончар КЕТ“ и „Елтек“.
Лековиќ, претставникот на изведувачите соопшти дека овие договори се солиден темел за јакнење на соработката меѓу компаниите од Хрватска и од Македонија и дека очекуваат продлабочување на соработката и реализација на овие договори.
-Ова е трет договор за модернизација на постројки во преносната мрежа во кој учествува „Кончар КЕТ“ во рамки на овој инвестициски циклус на МЕПСО, додаде Лековиќ.
Модернизацијата на оваа трафостаница и на далекуводот што ги поврзува Прилеп и Битола ќе се реализира за година и половина, а модернизацијата на трафостаницата „Битола 2“ ќе биде готова за 2,5 години.
ТС Прилеп 1 претставува централна напојна точка за регионот на северна (горна) Пелагонија и регионот на Мариово. Истата е поврзана на електропреносниот систем преку 110 киловолтни далекуводи со трафостаници во Битола и во Кавадарци, а со неа се поврзани и три трафостаници на дистрибутивниот систем преку кој се напојува со електрична енергија градот Прилеп, неговата околина и Мариово.