Со изведување на материјални докази во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи судењето за случајот за изборни нерегуларности „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство.
Претседател на судечки совет е судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефановска.
Судијата Шабани на почетокот на денешното рочиште констатира дека од адвокатите на обвинетиот Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, бил известен дека го откажуваат полномошното за негово застапување во постапката.
Судот по бегството на Груевски во Унгарија одлучи да му се суди во отсуство. Обвинителката Стефановска на денешното судење рече дека со одбраната е согласна доказите да се прикажуваат на екран, а да се читаат само редните броеви под кои се поднесени.
Обвинителката рече дека првата група докази се однесува на злосторничко здружување и дејствија преземени 2011 година. Појасни дека станува збор за злоупотреба на средства за политичка кампања. Беа изведени фактури од фирмите „ДВД ПЕТ“, „Трансмет“. „Секјуриком мултисервис интернационал“, „Полијестердеј“, одземени при претрес во 2017 година, а се однесуваат на периодот 2011-2015 година.
Во „Титаник“, покрај Никола Груевски, обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.
МИА/Фото: Фејбук/Груевски