Министерството за образование и наука денеска ги извести директорите на основните и средните училишта за донесената препорака да ги ослободат од работа наставниците и другите вработени во училиштата во периодот од 2 до 11 јануари 2019 година, за да се намалат трошоците за загревање на училишните објекти.
„Министерството за образование и наука им препорачува на директорите на основните и средните училишта во Република Македонија, согласно надлежностите утврдени во Законот за основното образование и Законот за средното образование, да не организираат работни активности за наставниот кадар, стручните соработници и административниот кадар, освен за техничкиот кадар кој е неопходен за обезбедување на објектите и имотот на училиштето во периодот од 2.01.2019 до 11.01.2019 година кога се користи зимскиот одмор на учениците“, пишува во препораката потпишана од министерот Арбер Адеми.
Оваа препорака е со цел да се намалат трошоците за загревање на училишните објекти во наведениот период, се појаснува во информацијата доставена до сите основни и средни училишта.
МИА