Кадетите од Воената академија Сара Тасевска и Стефан Стојаноски со натпросечен успех завршија настава од еден семестар на австриската (Theresan) Воена академија, а Тасевска е избрана и за најдобар меѓународен студент.
– Вие сте гордост не само за Воената академија туку и за целата АРМ, за нас како Министерство за одбрана и за нашата држава бидејќи со постигнатиот успех покажавте дека Македонија има кадровски потенцијали за да ја гради својата иднина како земја членка на НАТО. Вашата амбициозност и посветеност се пример и за следните генерации на Воената академија, истакнала министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска на средба со наградените кадети.
Како што соопшти Министерството за одбрана, Шекеринска оценила дека Воената академија развива образовен систем кој овозможува знаењата од областа на безбедноста да се компарираат и дополнуваат со знаењата и вештините кои ги нудат воените академии во странство.
Питомците Тасевска и Стојаноски се заблагодариле за поддршката и рекле дека тоа за нив претставува поттик и дополнителна мотивација во натамошното образование и служењето во АРМ.
Фото: Министерство за одбрана