еМагазин
Image default
Бизнис

Извештај на ММФ за Македонија за 2018 година: Монетарната политика е соодветна, а банкарскиот систем е стабилен

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во извештајот за Република Македонија за 2018 година објавен денеска ја оценува поставеноста на монетарната политика како соодветна, а банкарскиот сектор стабилен.

Во извештајот, како што се наведува во соопштението од НБРМ, нотирано е монетарното релаксирање во текот на минатата година, како поддршка на вкупната активност во економијата, а при истовремено одржување стабилни очекувања на економските субјекти и на нивната доверба.

Воедно, се констатира дека олабавувањето на монетарната политика во текот на годината е одраз на поволните движења на девизниот пазар, малиот производствен јаз и умерената инфлација.

Во својот извештај, ММФ потврдува дека надворешната позиција на економијата главно е во линија со среднорочните фундаменти и дека девизните резерви би се одржувале на соодветно ниво и во наредниот период.

ММФ оценува дека банкарскиот систем и натаму е стабилен и дека банките се висококапитализирани, ликвидни и профитабилни.

Во извештајот се посочува дека учеството на нефункционалните во вкупните кредити е намалено и дека постои соодветна резервираност на нефункционалните кредити за справување со кредитниот ризик, но и дека ризиците сепак треба и натаму внимателно да се следат.

Според ММФ, натамошните напори за постепено зголемување на денаризацијата на депозитите, во комбинација со соодветни макропрудентни мерки на страната на кредитите, може позитивно да влијаат за натамошно зајакнување на отпорноста на финансискиот систем.

Во извештајот се посочени и повеќе конструктивни препораки за натамошно зајакнување на рамката за финансиска стабилност, кои беа утврдени во рамки на Програмата за оцена на финансискиот сектор во Република Македонија, која заврши неодамна.

Во поглед на макроекономските движења, ММФ очекува економскиот раст во земјава да забрза на 2,8 проценти во 2019 година, поддржан од закрепнувањето на инвестициската активност и на 3,4 отсто на среден рок.

Според ММФ, зголемениот глобален протекционизам и затегнувањето на меѓународните финансиски услови се клучни негативни ризици за макроекономските изгледи кај нас. Од друга страна, како позитивен ризик се посочува забрзувањето на процесот на структурни реформи и започнувањето на преговорите за пристапување во Европската Унија и НАТО.

Извештајот за Република Македонија за 2018 година  претставува финално заокружување на оцените од редовниот годишен преглед на македонската економија спроведен во ноември минатата година во рамки на Мисијата, според член 4 од Статутот на ММФ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Тетовски Интерпромет лани работел со добивка

Редакција

Повеќе не Ви треба сертификат за влез во трговски центри

Редакција

Фондот за иновации и технолошки развој вработува пет лица, плата до 28.303 денари

Редакција