Лидерот на ДУИ Али Ахмети најави дека утре ќе се сретне со премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев со кого ќе разговараат за заеднички претседателски кандидат, како и за политичката ситуација.
По средбата вечерва во скопското седиште на партија со шефот на албанската дипломатија Гент Чакај, Ахмети изрази уверување дека ќе најдат решение за консензуален претседателски кандидат.
Тој рече дека нема проблеми во функционирањето на владеачката коалиција, коментирајќи ја при тоа изјавата на потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири дека е можна влада без ДУИ.
-Ве уверувам дека нема преписки меѓу коалициските партнери. Можно е да постојат разлики за одредени прашања што не го загрозуваат интегритетот или моралот на ДУИ или СДСМ.
Земјата има потреба за повеќе мир, комуникација и соработка помеѓу политичките сили на власт и опозицијата. Ниту опозицијата не може да се исклучи од овие важни процеси.
Доколку може да има влада без ДУИ би рекол дека се прави голема грешка, но тоа може да биде изјава на член или на функционер на СДСМ кој нема одговорност за големата историска мисија што ја има Република Македонија.
Јас во оваа ситуација имам одговорност пред граѓаните на Македонија било да се Албанци, Македонци, Турци, Роми, Срби, Власи и во оваа ситуација не се служам со политичка емоција за дневна политика, за рејтинг итн. Јас сум за национална политика, која е корисна за сите граѓани – рече Ахмети.
МИА/Фото: Влада