еМагазин
Image default
Македонија

Силјановска за следењето на Пендаровски: Страв, параноја и избори

Гордана Силјановска – Давкова, претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, на Фејсбук се осврна на изјавата на претседателскиот кандидат на СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски, дека го следела тајна разузнавачка служба, блиска до опозицијата.

“Мнозина се прашуваат каква ќе биде изборната кампања. Со право, стравуваат од негативна и валкана кампања, во која противкандидатот/противкандидатката ќе се дискредитира по лична основа, со ad hominem напади, и ќе се претставува како непријател наместо како конкурент во претседателска трка.

Веќе реков дека тоа не е мој стил и дека ќе дадам максимален напор натпреварот со двајцата колеги-професори да биде таков каков што ни доликува и каков што од нас очекуваат граѓаните.

Со видео порака веќе изразив загриженост околу тврдењата на колегата, проф. Стево Пендаровски, дека е следен од странски служби, односно од лица кои се вработени во македонскиот безбедносен сектор, а со години соработувале со тие (непријателски) служби.

Покрај тоа, пратеникот Кирацовски, близок соработник на Пендаровски, обвинува дека постојат „служби на опозицијата“, заборавајќи кој е власт во оваа земја, и кој е одговорен за безбедноста не само на кандидатот Пендаровски, туку и на сите обични граѓани.

Но, во оваа прилика сакам да укажам и на неколку други работи:

Прво, ваквиот неформален почеток на кампањата навестува атмосфера на недоверба, ширење на (политичка) параноја, застрашување, па дури и тешки инсинуации не само за дел од вработените во нашите безбедносни служби, туку и за опозициските партии, и за мене како кандидат, како луѓе кои не само што се наводно антизападни, туку и кои се „балкански шпиони“.

Влезот во НАТО и во ЕУ се тема околу која постои национален консензус, и затоа е погубно ако во кампањата влеземе како ликови кои потсетуваат на филмовите од времето на Студената војна.

Присвојувањето на сѐ што е напредно и прозападно од страна на претставниците на власта, фактички, од сите останати прави анахрони „негативци“ и нѐ става во дефанзивна и инфериорна позиција.

Она што го сметам за несреќна изјава на Пендаровски, се надевам, дека ќе запре тука и дека нема да се пренесе во официјалниот дел од кампањата, освен ако некој има идеја претседателските избори да ги претстави во манихејска форма како битка на Доброто и Злото, Западот и Истокот, Вашингтон и Москва.

Граѓаните на Република Македонија избираат свој претседател, шеф на држава кој ќе ја претставува дома и во странство, и не е ничиј пион на шаховската табла. Како на мала земја ни се потребни сите можни пријатели и сојузници од меѓународната сцена, и тоа како за безбедносна, така и за политичка, економска, културна и друга соработка“, пишува таа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(ВИДЕО) Пендаровски вели дека не го следеле папараци, туку луѓе поврзани со ВМРО-ДПМНЕ

(ВИДЕО) Силјановска: Ако Пендаровски се чуствува небезбеден, што да очекуваме ние останите противкандидати

“Го следеле тајни служби со жолто југо. Ајде мајката!„: Твитер за следењето на Пендаровски од тајна разузнавачка служба

Фото: Фејсбук/Силјановска

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Судење за „организаторите на 27 април”: Сведочеа членови на ВМРО-ДПМНЕ и вработени во администрацијата

Редакција

Кај 209 лица од заболените од коронавирусот во Македонија присутни хронична и здравствени состојби

Редакција

Од Ковид-19 за 24 часа починаа 7 лица, дополнително пријавени уште 4

Редакција