еМагазин
Image default
ФИНАНСИСКА ПИСМЕНОСТ

Што работи централната банка и што значи тоа за Вашиот секојдневен живот?

Народната банка на Република Северна Македонија (Народната банка) е централна банка во нашата земја. Насекаде во светот, Централната банка според своите функции се разликува од деловните банки. Централната банка има посебни функции коишто се пропишани со закон (во нашата земја со Законот за Народната банка на Република Македонија).

Централните банки со своите инструменти и мерки вообичаено делуваат кон деловните банки во земјата, а деловните банки се во директен контакт со приватниот сектор – населението и фирмите.

Што работи нашата централната банка?

► Народната банка ја одржува ценовната стабилност во земјата, што е нејзина основна задача, согласно со наведениот закон. Тоа значи дека Народната банка се грижи за одржување на инфлацијата на разумно ниво и без многу флуктуации. Стапката на инфлација е важна бидејќи ги одразува промените на цените во економијата. Висока инфлација значи висок раст на цените во економијата (и обратно), што директно се одразува врз условите за живеење.

Инфлацијата е и значаен фактор за инвестициите, при што амбиентот што се одликува со ценовната стабилност е најповолен за поттикнување на инвестициите и економскиот раст.

Народната банка се грижи за одржување на ценовната стабилност, во рамки на својот делокруг на влијание, преку спроведување соодветна монетарна политика, преку примена на расположливите монетарни инструменти. Монетарните инструменти имаат соодветно влијание врз банките, а се очекува дека тие натаму соодветно ќе влијаат врз приватниот сектор – фирмите и населението.

Основен инструмент на Народната банка се аукциите на благајничките записи, а нивната каматна стапка е основна стапка на Народната банка. Еднаш месечно Народната банка одлучува за висината на основната каматна стапка на редовните месечни седници на Комитетот за оперативна монетарна политика (КОМП).

Двапати годишно (во мај и октомври) објавува макроекономски проекции, во кои го дава своето видување за идните движења во економијата, коишто се од особена важност за водењето на монетарната политика.

► Народната банка учествува во определувањето на режимот на девизен курс и ја утврдува и ја спроведува политиката на девизен курс. Од 1995 година наваму одржуваме стабилен девизен курс на денарот, од почетокот во однос на германската марка, а по формирањето на еврозоната, во однос на еврото.

Гледано од аспект на монетарната политика, тоа значи примена на монетарна стратегија на таргетирање на девизниот курс, којашто во изминатиов период се покажа како исклучително успешна во однос на одржувањето на ценовната стабилност, како основна цел на монетарната политика.

Имено, во мала и отворена економија, каде што учеството на стоки од увоз е значително, особено од еврозоната којашто е наш најзначаен трговски партнер, стабилниот девизен курс има важна улога за стабилизација на ценовните очекувања и одржување на ценовната стабилност.

► Дополнителна цел на Народната банка, согласно со наведениот закон, е да се грижи за одржување на финансиската стабилност. Народната банка е регулаторна институција за банкарскиот систем, што значи дека е надлежна за супервизија и надзор над работењето на деловните банки. Стабилниот банкарски систем е предуслов за стабилна и просперитетна економија.

► Народната банка има ексклузивно право да ги издава книжните и кованите пари во нашата земја (банкноти и монети). Македонскиот денар беше воведен со монетарното осамостојување, во април 1992 година, како законско средство за плаќања во нашата земја. На македонските банкноти е потпишан гувернерот на Народната банка.

► Народната банка обезбедува дел од инфраструктурата за спроведување на плаќањата во нашата земја и има значајна надзорна улога во македонскиот платен систем. Конкретно, Народната банка е оператор на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), преку кој се порамнуваат големите плаќања меѓу банките. Платниот систем е како „крвоток“ на економијата, преку кој се обезбедува проток на паричните средства.

► Народната банка управува со девизните резерви на земјата, водејќи сметка за одржување на ликвидноста на земјата во плаќањата кон странство.

► Народната банка е институција којашто е задолжена за прибирање и објавување податоци од областа на монетарната и екстерната статистика. Тука се вклучени податоците за: паричната маса, банкарските депозити и кредити, банкарските каматни стапки, платниот биланс, надворешниот долг и други.

► Народната банка извршува и други задачи, утврдени со закон.

Од ова, се гледа дека Народната банка извршува многу важни функции за економијата. За да се обезбеди дека централните банки ќе делуваат во интерес на граѓаните, тие вообичаено, ширум светот се независни институции. Независноста на Народната банка е гарантирана со Законот за Народната банка на Република Македонија.

Народната банка редовно ги објаснува своите одлуки пред јавноста, статистичките податоци и резултатите од своите истражувања на својата интернет-страница (www.nbrm.mk), со цел да обезбеди транспарентно работење и зајакнување на својата општествена одговорност.

Следствено, зошто централната банка е важна за Вашиот секојдневен живот?

Централната банка ги изработува парите што ги имате во Вашиот паричник и се грижи за стабилноста на цените во економијата. Тоа значи дека таа се грижи да можете да купите одредена количина производи со одреден износ на пари, без големи промени гледано во подолг временски период.

Централната банка се грижи за здрави и стабилни банки, коишто се главниот дел од финансискиот систем на нашата земја и каде што Вие ги држите Вашите сметки. Централната банка се грижи за платниот систем и овозможува непречено да се извршуваат Вашите плаќања во земјата и кон странство.

Следствено, работењето на централната банка е важно за секого во земјата и придобивките од нејзиното работење се јавно добро, расположливо за сите граѓани.

Извор: Народна банка

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Училиштата кои сакаат да бидат дел од финансиска едукација, да се пријават во Народна банка

Редакција

(Видео) Како да плаќате со мобилен телефон

Редакција

Анкета на Народна банка: Половина од младите од 13 до 15 години велат дека знаат делумно да располагаат со парите

Редакција