еМагазин
Image default
Македонија

Антикорупциска побарала М-НАВ да ги достави документите од набавката на радарскиот систем

Владата треба во рок од 30 дена откако ги доби препораките на ГРЕКО, да назначи лице за интегритет кое ќе ги советува премиерот, министрите и останатите вработени да носат правилни и издржани одлуки согласно законите, моралот и етиката и на начин на кој ќе го избегнат судирот на интереси и ќе ги одвојат јавниот и приватниот интерес, изјави денеска членот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Владимир Георгиев.

Тој нагласи дека ова лице, што ќе го назначи Владата, претходно ќе биде обучено од ДКСК, а такви лица за интегритет ќе треба да се назначат и на централно и на локално ниво во сите останати државни институции. Лицата кои ќе бидат задолжени за ова во останатите институции, најверојатно ќе бидат од редот на веќе вработените и советувањето за законско и етичко работење ќе го вршат како дополнителна работа.

– За Република Северна Македонија во последниот Извештај на ГРЕКО произлегоа 23 препораки. Една од основните и главните препораки е Владата во најскоро време да назначи лице, т.н. советник за интегритет кое во секое време ќе биде на располагање да даде етички совети, совети за интегритет, но и други совети од аспект на етичко однесување на членовите на Владата, рече Георгиев, додавајќи дека вакви лица ќе бидат назначени и во сите други државни институции, кои ќе даваат совети на директорите за извршувањето на нивните обврски со цел да го зачуваат интегритетот и да се спречи судирот на интереси.

Лицето за интегритет, додаде Георгиев, треба да исполнува одредени критериуми за да може да им доделува совети на членовите на Владата, да биде соодветно обучено и самото да биде лице со интегритет.ж

Одговарајќи на новинарско прашање, Георгиев изјави дека генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски ќе биде еден од лицата што ќе ги советува оној што е задолжен за интегритет на функционерите, додавајќи дека тоа лице ќе ги советува во Владата, вклучувајќи го и премиерот.

Во врска со Рашковски, како што беше истакнато на денешниот брифинг со новинарите во ДКСК, Комисијата има отворено предмет по допрен глас од медиуми и е во фаза на прибирање податоци.

ДКСК испратила барање до М-НАВ да добие увид во тендерската документација, а барање е упатено и до Владата на писмено да образложи во кое својство генералниот секретар бил вклучен во посредувањето за договарањето на тендерот.

ДКСК ќе го истражува сомнежот што се појави во јавноста дека Рашковски учествувал на тендер за набавка на опрема за радарскиот систем на М-НАВ, кој требало да го добие италијанската компанија „Леонардо“. Сомнежите и обвинувањата излегоа во јавноста по тврдењата оти постои аудио-снимка снимена во неговата канцеларија.

Рашковски одржа прес-конференција во врска со овој случај на која рече дека неколку години имало пречки за набавка на тој уред за што беше најавена и тужба.

На крајот од брифингот ДКСК упати укажување премиерот Зоран Заев во најкус можен период да определи министер за финансии. Дотогаш тој може само да го назира процесот на работата во Министерството, а работата таму ќе ја координира актуелниот заменик-министер.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Мапа) Скопје, Кавадарци и Штип со најмногу заболени со Ковид-19 на 100 илјади жители

Редакција

Гази Баба и Аеродром на врвот: Детален преглед на активни случаи со Ковид-19 по скопските општини

Редакција

Вкупно до сега 5.151: Починаа 16 лица од Ковид-19

Редакција