Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција испитува лица за кои цени дека со даден исказ можат да помогнат во натамошното утврдување на факти во предметот кој се води против две лица за кривични дела – Примање награда за противзаконито влијание и Перење пари и други приноси од казниво дело, информираат од таму.
„Во текот на вчерашниот ден по телефонски повик од јавен обвинител, во обвинителството даде изјава градоначалникот на општина Карпош. Денеска беше повикана и изјава даде градоначалничката на општина Битола. Во интерес на истрагата, обвинителството не е во можност да сподели детали околу содржината на дадените изјави.
Паралелно со прибирањето на вербални докази, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во континуитет дава насоки и наредби за вршење и на други истражни дејствија.
Вештачењата на прибраниот обемен материјал од извршените претреси е во тек. По наредба на обвинителството се врши и вештачење на содржината на пронајдениот и одземен втор мобилен телефон на јавниот обвинител.
Почитувајќи ја транспарентноста во работењето, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе продолжи со информирање на јавноста за преземените дејствија секојпат кога ќе постојат законски можности и во обем кој не ја попречува истрагата“, соопштуваат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нема датум за ЕУ во октомври без ново СЈО и борба против корупцијата и криминалот
Фокус: Случајот „Рекет“ добива меѓународна димензија, обвинител имал имот во Грција