Членови на семејство на починат пациент синоќа во Градската општа болница „8 Септември“ се расправале со обезбедувањето, дежурната докторка и останатиот медицински персонал во таа јавна здравствена установа, изјави директорот на оваа јавна здравствена установа, Христијан Костов.
„Станува збор за 67-годишен пациент примен е вчера околу 14 часот во Ургентен центар во тешка состојба. Пациентот беше сместен на Одделот за интензивна нега со срцева слабост, опериран, со хронична бубрежна слабост… И покрај тоа што бил во тешка состојба дадени се сите можни терапии. Направена е дијагностика и хемодијализа, меѓутоа вечерта околу 23 часот пациентот почина“, рече д-р Костов.
Појасни дека семејството околу полноќ било информирано дека пациентот е починат, по што почнала расправија.
„Членовите на семејството прво се расправале со луѓето од обезбедувањето, немало физичка пресметка по што обезбедувањето ги испратило до Одделот за интензивна нега и во исто време повикале и полиција. Имале расправија со медицинскиот персонал, со докторката, со друг персонал. Полицијата дошла веднаш и ситуацијата се смирила. Членовите на семејството денеска во утринските часови го земале телото на починатиот“, истакна д-р Костов.
Посочи дека денеска вработените во болницата не протестирале пред неговата канцеларија.
„Имаше некаква дезинформација дека имало некаков протест изутрината, наводно дошле вработените тука кај мене, ама тоа не е точно. Јас ги повикав тие што беа дежурни да разговараме и да ми кажат што се случило за да имам конкретна слика. Немаше никаков протест на вработените“, рече д-р Костов.
МИА