Чувствуваме општествена одговорност да ја информираме јавноста и граѓаните дека од страна на Адора Инженеринг од ноември 2021 година до денес, во однос на проблематиката со производството на топлинска енергија за град Скопје се испратени 19 дописи до Регулаторната комисија за енергетика, 10 дописи до АД ЕСМ и 4 дописи до Владата и засегнатите министерства, информираат од компанијата.
„Во сите овие поднесоци на Адора во изминатата речиси една година јасно, гласно, одговорно и загрижено апелиравме за благовремено постапување од страна на засегнатите институции, со цел изнаоѓање решение за оваа, во овој момент комплексна состојба.
Конкретно предупредувавме дека дејноста ќе се затече во сегашната неповолна ситуација. Мораме за жал да кажеме дека засегнатите институции во државата носеа некомплетни, неадекватни, задоцнети и пред сè неми одлуки кон приватниот партнер, Адора Инженеринг.
Во текот на вчерашниот и денешниот ден имавме опсежни состаноци со РКЕ, ЕСМ и БЕГ, каде што сите страни ги препознаваат ненаплатените побарувања кои законски ни следуваат, односно долгови кон Адора за изминатиот период,“ се вели во соопштението.
Во него се додава дека договорено е РКЕ, ЕСМ и БЕГ да изнајдат модел во кој, во овој момент ќе се намират побарувањата кон Адора со цел да стапиме кон регулирање на идните односи за топланите со АД ЕСМ.
„Доколку постигнеме решение по ова разумно барање, Адора е спремна, иако на наша финансиска штета од 550.000 евра на годишно ниво, но во максимален интерес на граѓаните, да пријде кон краткорочен договор за закуп со АД ЕСМ до моментот на реализирање на сите потребни услови за купопродажба.
Доколку не се најде решение по овие прашања на кои што повторно ќе кажеме дека речиси една година упорно потенцираме, Владата како што веќе најави има можност да ги употреби соодветните членови од законите за енергетика и справување со кризи, со цел да ги користи топланите без наша согласност кое би значело директна повреда врз правото на сопственост.
Барањата на Адора се разумни и имаат егзестенцијално значење за нашата компанија, но уште повеќе разбираме дека граѓаните на град Скопје немаат никаква вина во овие системски пропусти и недоследности, и на ниту еден начин нема да бидеме пречка за граѓаните на град Скопје да имаат парно греење.
Адора Инженеринг е општествено-одговорна компанија и засекогаш ќе остане,“ велат од компанијата.