Адвокатите на Миле Јанакиески, Еленко Миланов и Димитар Дангов се обратија до медиумите во врска со претстојните рочишта поврзани со обвинението за наводно сторено кривично дело насилство.
Од таму бараат присуство на медиумите, невладини организации… за рочиштата на 17 и 24 септември, како и на тие што ќе следат потоа.
„Основна цел на оваа наша замолница е непосредно да бидете информирани од можеби и најважните рочишта за овој предмет на кое многу детално ќе биде образложена одбраната на обвинетиот Миле Јанакиески како и суштествените повреди кои се направени во досегашниот тек на постапката.
Имено, ако се земе предвид дека од 2016 година кога започна судењето за овој процес до денес има направено многу процесни повреди во текот на главната расправа што доведува до ситуација во која навистина веруваме дека овој случај кој е исполитизиран со покренување на обвинителен предлог преку поранешното СЈО, како таков со сите познати случувања во СЈО во изминатата година кој алудираат на селективност во постапување кон круг на лица и сомнителни исклучувања од лица во постапки без соодветно на закон засновани јавно обвинителски одлуки.
Ова ни наметнува да имаме заедно со нашиот клиент ограничена доверба дека можеме до крај да учествуваме во фер правна постапка која значително може да влијае на очекување на фер и законска пресуда.
Од нашето 30 годишно искуство како адвокати, а и согласно позитивните законски прописи во Р.С Македонија, за да се обвини некое лице треба да се воспостават процедурални, но и материјални и правни основи, така што таквото лице е оправдано осомничено за сторено кривични дела за кои е обвинето и дека основаното сомневање се заснова на доволно докази за субјективни и објективни елементи што го карактеризираат кривичното дело со наведување кога, каде и со кои дејствија истото е извршено.
Поради се горенаведено можеби најголема важност е ова судење да биде набљудувано од преставници на невладините организации, медиуми, меѓународен фактор, но и надворешни, независни професионалци кои ќе стекнат објективна слика при следењето на завршната фаза на постапката.
Како бранители заедно со нашиот штитеник цврсто веруваме дека овозможувањето професионален надзор над судските процеси ќе спречи обвинителстко и судско однесување кое може да резултира во сериозен незаконски хаос.
Последно, но не и најмалку важно, набудувањето ќе обезбеди поголема доверба на јавноста во постапките и потенцијално ќе го задржи балансот на оружјето во очите на сите учесници во судските случаи,“ се вели во соопштението на Миланов и Дангов.