Операторите со храна во Гостивар ја почитуваат забраната за употреба на водата, ама не сите имаат безбедна храна

Од Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) информираа дека вонредните надзори спроведени во вторник покажале дека кафулињата, пицериите, пекарниците, слаткарниците и други оператори со храна во гостиварско ја почитуваат забраната за употреба на водата од градскиот водовод.

Од таму велат дека биле извршени 70 вонредни надзори со кои биле опфатени кафе барови, пицерии, пекарници, слаткарници, сендвичарници, ќебапчилници, производство и пакување на овошје и зеленчук, промет и други оператори со храна, а акцентот бил ставен дали ја употребуваат водата која е забранета за пиење, но и за техничка употреба.

Кај нив не биле утврдени отстапки во делот за послужување и за миење на садовите, работните површини и опремата.

Се користела пакувана вода и безбедна вода во спроведувањето на работните процеси, а за послужување на гостите во угостителските објекти, утврдено било дека се употребуваат пластични и хартиени чаши и прибор.

Но, АХВ, утврдил недоследности во делот на храната – неспроведени мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација кај пет оператори, како и неспроведени задолжителни здравствени прегледи на вработените кај 18 оператори.

Затекнати биле и 11 правни лица кои не се регистрирани како оператори со храна во АХВ, за што покрај парична казна, им е изречена и времена забрана за вршење на дејноста до регистрирање.

Кај двајца оператори е утврдено дека пуштале во промет небезбедна храна во количина од 18 килограми (виршли, кисело млеко, јогурт, слајс салами, путер), кои се нештетно уништени.

Од АХВ информираат и дека за констатираните недоследности, покрај наложеното спроведување задолжителни здравствени прегледи за вработените кај операторите со храна, забрани за вршење дејност, опомена и наредби за отстранување на недоследностите со контролите, изречени се и 30 парични казни во вкупна висина од 7.750 евра во денарска противвредност.

Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести