Центарот за јавно здравје – Прилеп ги информира жителите на Крушево дека водата за пиење од градскиот водовод е бактериолошки неисправна.
При редовната контрола на квалитетот и безбедноста било констатирано отсуство на резидуален хлор, како и присуство на бактерии од цревно потекло.
За ваквата состојба денеска, 23 јули 2026 година, веднаш биле известени надлежните државни институции и раководството на ЈКП „Комуна“ – Крушево.
Од ЦЈЗ – Прилеп им препорачуваат на крушевчани за пиење да користат исклучиво пакувана вода.
Водата од градскиот водовод за лична хигиена, подготовка на храна и миење садови може да се користи само по превривање од минимум 10 минути.
Овие препораки ќе важат сè додека не се добијат три последователни исправни примероци од водата.
Дополнително, испитувањата направени на 20 јули 2026 година покажале бактериолошка неисправност и кај крајпатните чешми „Бензинска пумпа“ и „Св. Петка“, кои исто така не смеат да се користат за пиење.
Од Центарот за јавно здравје – Прилеп најавуваат дека ќе бидат во постојана комуникација со институциите и редовно ќе ја информираат јавноста.
Фото/Unsplash














