Водата во водоводниот систем во Општина Гостивар, каде е прогласена епидемија на заразна болест, и која моментално не е ни за пиење, ни за техничка употреба, секојдневно ќе се тестира од три различни институции, се додека резултатите не покажат дека е исправна.
Претходно ќе се прави хиперхлорирање на системот за водоснабдување.
Анализата на водата ќе ја прават Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и лабораторијата на скопскиот водовод.
Во зависност од резултатите, ќе се спроведува процесот на хиперхлорирање на системот.
Овие одлуки ги донесе Управувачкиот комитет (УК).
Последните резултати од анализа направена од ИЈЗ кои ги споделија од УК се дека таа се уште не е исправна ни за техничка употреба, ни за пиење.
Колку ќе трае овој процес и кога Гостиварчани ќе имаат вода никој не знае.
Во состав на УК се министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за здравство Сашо Клековски, министерот за транспорт Александар Николоски и директорот на Дирекција за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, како и надворешните членови – министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) при Владата, Ивица Томовски, директорот на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, директор на Инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Колку загадена вода пиеја гостиварчани три недели
Фото: Унсплеш














