Операторот со храна (увозник и дистрибутер) АЛМА М, врз основа на издадено решение од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од пазарот врши итно повлекување и отповикување на небезбедни производи – сладолед, поради утврдено зголемено присуство на етилен оксид, информира АХВ.
Од пазарот, како што прецизираат, се повлекуваат и отповикуваат сладолед Кит Кет стапче 20х90 мл со сериски број/лот- PL1048 и рок на употреба до 28.02.2023, со потекло од Франција.
-Причина за отповикување е небезбеден производ поради присуство на етилен оксид, кој е потенцијален ризик по здравјето на луѓето, велат од АХВ.
Заради истата причина се повлекува и сладолед Милка ванила и чоколадо стапче 20х100 мл со сериски број/лот:MI1118, MI1119 и рок на употреба до 30.04.2023, по потекло од Полска, како и сладолед Милка чоколадно стапче со лешник 20х100 мл со сериски број/лот:MI1117 и рок на употреба до 30.04.2023, со потекло исто така од Полска, чиј увозник е АЛМА М.
-Горенаведените производи, во количина од 3.080 литри и 30.064 парчиња, при контролата од инспекциските служби на АХВ се затекнати во магацинот на увозникот. Небезбедниот сладолед е ставен под службен надзор, односно, забрането е негово ставање во промет.
Апелираме крајните потрошувачи, кои ги имаат купено горенаведените производи со сериски брј/лот, да не ги конзумираат и да ги вратат на местото од каде ги купиле, или да ги уништат, порачуваат од АХВ.
Фото: Photo by Tim Stief on Unsplash