еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Ако не се прифати еден од нашите предлози, избори би биле единствено логично решение, вели Мицкоски

ВМРО-ДПМНЕ ќе почека уште некој ден за да добие одговор од СДСМ за предлозите што ги изнесов на лидерската средба и ако се пропушти оваа шанса ќе стане јасно дека процесот е целосно заглавен, по што единствено логично решение би биле избори, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Дојче Веле.

– Ние чекаме одговор. Непродуктивно и бесцелно е да се продолжи со какви било разговори или работни групи, ако тие не се сложуваат за предлозите кои ги дадовме. Ние ќе почекаме уште некој ден.

Наместо да трошат енергија на посипување пердуви, нека имаат суштински состаноци и нека излезат со став, вели Мицкоски во однос на тоа дали има најава од СДСМ кога ќе дадат одговор на предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, изнесени од негова страна на лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски минатата среда.

Лидерот на најголемата опозициска партија вели дека она што го понудил на средбата претставува „промена на околностите, заштита на националните интереси и европска интеграција“.

– Првиот предлог кој го дадов е преодна влада без ДУИ, измени кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ. Вториот предлог е избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур и измени од влада без ДУИ, поддржана од опозицијата.

Она што го понуди Ковачевски се уставни измени под бугарски диктат и широка влада со ДУИ. Не е поентата ВМРО- ДПМНЕ да дојде на власт во некаква широка влада, туку да изградиме процес и пакт за национално единство каде ќе ги заштитиме националните интереси, вели Мицкоски.

Запрашан за тоа дали по лидерската средба имал контакти со претставници на меѓународната заедница и какви се нивните ставови, Мицковски вели дека партијата има постојана комуникација со нив, но дека не би сакал да ги интерпретирам нивните ставови, туку остава тие самите да ги изнесат.

Коментирајќи го ставот на ДУИ дека се согласни да излезат од Владата откако во сила би стапиле уставните измени, како и дека бараат спроведување на ветинг на претседателите, функционерите и пратениците на сите политички партии, Мицкоски вели дека партијата на Али Ахмети не е во позиција да поставува услови и колку побргу замине во опозиција, толку „побргу на Македонија ќе и тргне“.

– Не одлучуваат ДУИ и Али Ахмети дали ДУИ ќе ја напушти Владата. СДСМ треба да се охрабри и да ја прифати подадената рака за преодна влада, вели Мицкоски, додавајќи дека е согласен и на ветинг и доброволно се пријавува прв да биде изложен на проверка во тој процес.

МИА/Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бектеши најави поевтинување и на други категории производи покрај оние со „гарантирана цена“

Редакција

Во Македонија има вкупно 122 импортирани случаи на Ковид-19, последниот е од пред неколку дена

Редакција

Бројката повторно порасна: Македонија ќе прими 650 цивили од Авганистан

Редакција