Телевизијата Алсат М е добитник на наградата „Медиум промотер на новинарството како јавно добро“, која ќе го носи името на прерано починатиот борец за слобода на изразување и експерт за медиуми – Роберто Беличанец, која синоќа ја додели Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
До ССНМ стигнале номинации за осум медиуми: Радио МОФ, Плус ИНФО, Фокус, Скуп, Призма, Независен, Види вака и Алсат ТВ.
За наградата одлучуваше комисија во состав Ѕвездан Георгиевски, Маја Томиќ, Маја Јовановска, Сефер Тахири и Сања Васиќ.
Главната замисла, како што кажаа од синдикатот, беше номинациите на медиумите да произлезат директно од новинарите и медиумските работници, бидејќи тие најдобро ги знаат условите во кои работат, како и вредностите за кои се залага медиумот за кој работат.
Признанието е наменето на медиум кој ги задоволува следниве критериуми: континуирано чувство за општествена одговорност, третирање на новинарството како јавно добро преку залагање за слобода на изразување, придржување до кодексот на новинари, третирање на теми од јавен интерес, како и коректен однос кон вработените, почитување на нивните работнички и професионални права.
ССНМ наградата ја доделува во партнерство со Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Медиа дајверзити институтот од Лондон во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост- Справување со лажните вести“, поддржан од Европската унија.
МИА/Фото: ССНМ