Доколку утре се одржат локалните избори за СДСМ ќе гласаат 19% од анкетираните, а за ВМРО-ДПМНЕ 16%, покажува анкетата на ИРИ спроведена пред три месеци.
Во албанскиот блок ДУИ има поддршка од 7%, а Алијансата за Албанците, 6%. Левица има рејтинг од 5%, а за БЕСА рекле дека ќе гласаат 4% од анкетираните.
Меѓу политичарите и натаму најпопуларен е премиерот Зоран Заев, кој има 10% поддршка кај анкетираните. Тоа е најниска поддршка за Заев од доаѓањето на власт, кога според ИРИ во него верувале 16% од анкетираните.
Во Христијан Мицкоски веруваат 6% од анкетираните и тоа е највисок рејтинг на лидерот на опозицијата од преземањето на партијата. Во Али Ахмети доверба имаат 5% од граѓаните колку што е и поддршката за Зијадин Села.
Во Скопје 69% од анкетираните рекле дека не се задоволни од работата на градоначалникот Петре Шилегов, но сепак, на локалните избори 21% ќе гласаат за кандидатот на СДСМ, а 16% за оној кој ќе го предложи ВМРО-ДПМНЕ.
28% од граѓаните сметаат дека државата се движи во погрешна насока, додека 20% сметаат дека политиките ја водат Македонија во добар правец. Близу 40% рекле дека земјава е помалку стабилна од минатата година, а за граѓаните најголем проблем е невработеноста и ковид пандемијата.
Во однос на ковид пандемијата 63% од анкетираните сметаат дека Владата не се справува добро, додека 35% се на став дека добро се справува со проблемите кои ги донесе корона вирусот. 50% од анкетираните би сакале да се вакцинираат, додека вакциниација одбиваат 32%.
Анкетата за ИРИ ја спровела агенцијата Брима по метод лице в лице во периодот од 4 март до 6 април годинава врз репрезентативен примерок од 1.222 испитаници со маргина на грешка од 3,6 поени.